Високопрофесионалниот Центар за ин витро со успех се справува со проблемите со неплодноста

Фото: Горан Анастасовски

Проф. д-р Зоран Петановски, гинеколог-акушер и шеф на ИВФ-одделот во „Ре-медика“

Зошто проблемите со репродукцијата се сè почести, како може да се решат, што доколку е потрeбна донација, каква помош нуди медицината, колкав успех може да се очекува при ин витро се само некои од прашањата на кои одговор дава проф. д-р Зоран Петановски, гинеколог-акушер и шеф на ИВФ-одделот во „Ре-медика“. „Поради високата професионалност, стручност, повеќедеценсикото искуство во решавањето на проблемот со неплодноста и мултидисциплинарниот пристап кон
секој пациент имаме голем успех во решавањето на стерилитетот, а ние сме секогаш достапни за да го олесниме комплицираниот пат“, вели професорот

Сè повеќе луѓе се соочуваат со потребата за медицински потпомогнато оплодување. На што се должи тоа?
– Дефиницијата на неплодноста односно инфертилитетот, поим прифатен во меѓународната артикулација на проблемот, подразбира неможност за зачнување во рок од една година на слободни сексуални односи. Новите податоци објавени од Светската здравствена организација зборуваат за пораст на неплодноста на светско ниво. Податоците покажуваат дека една од шест двојки во текот на својот живот има проблем со неплодност. Интересно е дека нема некоја посебна разлика во инциденцата на неплодноста во поглед на регионалната дистрибуција, а развиените земји имаат нешто повисока инциденца во поглед на средно и неразвиените земји.
Кај околу 5 отсто од двојките со инфертилитет е потребно да се применат протоколите на асистираната репродукција.

Причините за овој пораст на неплодноста се повеќе, почнувајќи од забрзаното темпо на животот, одложувањето на потомството, животниот стил, имунолошките фактори, обезноста.

Фото: Горан Анастасовски

Што сè може медицината да им понуди на оние што се справуваат со предизвици поврзани со потомство?
– Центарот во „Ре-медика“ почна со работа во 2006 година. Во изминатиов период во центарот се реализирани над 13.000 процедури, дојдени на свет се повеќе илјади нови индивидуи. Технички, центарот е еден од најсовремените во Европа, меѓу првите ја добивме ИСО-лиценцата, за овие години воведовме многу новини, како ласерско третирање на ембрионите за подобра имплантација, оплодување со еден сперматозоид кај висок процент на пациентите што ја подобрува фертилизацијата, инвитро-матурација, промптното замрзнување на гамети. Од поновите е и неинвазивното генетско преинплантационо тестирање на ембрионите. Воведуваме нови медиуми за подобра активација на гаметите.

Во поглед на гинеколошкиот дел меѓу првите ја воведовме 3Д-ултарасонографијата во детекција на утерините аномалии, патологија на матката и рецептивноста на ендометриумот, сега го воведуваме и 4Д во програмата на ембриотрансферот, го воведовме краткиот протокол со специфичен тригер на ооцитната матурација во комбинација со промптно замрзнување на сите ембриони и постпонирање на ембриотрансферот. Со тоа станавме болница слободна од синдромот на хиперстимулација – состојба што е придружена со ризици за жената, а која до пред 15 години ни задаваше проблеми кај пациентките водени со долгиот протокол.

Го воведовме принципот на индивидуален пристап кон секој пациент, соработуваме со домашни и странски центри за генетика и имунологија, достапни ни се комплетни испитувања, кои се актуелни во програмата на испитување на инфертилитетот. Ја воведовме рејувенацијата на јајниците, или народно, подмладување на јајчниците. Сето ова е одлика на еден елитен центар за инвитро-фертилизација, кој со успех може да се справи со која било патологија во репродукцијата.

Пациентите се тие што ги одбираат центарот и докторот, а наша задача е да дадеме максимум во заедничките напори да се дојде до дете. Можам да кажам дека одлики на нашиот центар се високата професионалност, стручност, повеќедецениското искуство во решавањето на проблемот на неплодноста, мултидисциплинарен пристап кон секој пациент и на крајот нешто што и пациентите го забележуваат, а тоа е емпатијата кон нашите пациенти. Ние сме тука секогаш достапни за нив, тие се не само наши пациенти туку и пријатели за кои се бориме да им го олесниме овој комплициран пат.

Фото: Горан Анастасовски

Дали науката евидентира колкав е порастот на машкиот, а колку на женскиот стерилитет?
– Со околу 30 проценти инфертилитетот е присутен само поради машкиот фактор, 30 отсто поради женскиот фактор, со 30 отсто се инволвирани и двата фактора, а околу 10 отсто отпаѓа на таканаречениот непознат или идиопатски инфертилитет. Токму овој тип инфертилитет заедно со машкиот инфертилитет е во пораст. Објаснувањето е дека животниот стил има влијание не само генерално врз фертилниот потенцијал туку и на резултатите од вонтелесното оплодување. Пример за ова е прекумерната телесна маса, навиката на пушење на цигари, прекумерното користење алкохол, зрачењето, стресот, па сѐ до планирање семејство во подоцнежните години од животот. Ова последново е важно бидејќи кај жената опаѓа оплодниот потенцијал по 35-та година од животот, додека над 40 година постои драматичен пад. Кога станува збор за машкиот фактор, ситуацијата е поблагопријатна. Имено, тој драматичен пад на фертилниот потенцијал доаѓа некаде околу 60-та година од животот на мажот, односно квалитетот на спермата до тие години не претставува некој посебен проблем за зачнување, ако е жената хиперфертилна. Обезноста (дебелината) претставува генерален проблем во светот како ризик-фактор за појава на дијабетес, кардиоваскуларни и други патологии, но исто така има влијание и на фертилниот потенцијал кај обата партнера.

Ние воведовме мултидисциплинарен пристап кон оваа група и пред почетокот на започнување на програмата на вонтелесно оплодување советуваме да се намали телесната маса барем за 5 отсто, да се смени начинот на исхрана во медитерански тип на исхрана, воведовме одредени витамински препарати што метаболички ја прават постабилна јајната клетка. Во тимот имаме ендокринолог и нутриционист, со цел таа подготовка кај жената да биде посоодветна и да се добијат оптимален број квалитетни јајни клетки, кои подоцна ќе бидат внесени во процесот на вонтелесно оплодување.

Кога не станува збор за стерилитет, туку за одлука на жената да го одложи раѓањето, какви можности нуди медицината, а се применуваат кај нас?
– Веќе напоменав дека возраста на жената има сигнификантно негативен импакт врз нејзиниот фертилен потенцијал генерално, но и на резултатите од вонтелесното оплодување. Во инвитро-оплодувањето шансите за забременување кога жената е помлада од 35 години е околу 40-45 отсто. Со новите техники за замрзнување ембриони за следни обиди, при кои жената прима полесна хормонска терапија, кумулативниот успех достигнува и до 90 отсто. За жал, кај жените над 40 години тој процент е околу 7-10. Од ова е очигледно дека одложувањето на раѓањето и планирањето потомство во подоцнежна возраст е со поголем ризик за појава на неплодност. Но можностите што ни ги дава современата медицина го решаваат овој проблем со тоа што се замрзнуваат јајни клетки во помладата возраст и истите тие можат да се чуваат со години, за да се искористат кога жената ќе одлучи да има свое потомство. За разлика од јајните клетки, матката може медикаментозно адекватно да се подготви за бременост и во подоцнежна возраст. Доказ за тоа се и резултатите од ИВФ при процесот на донација на јајни клетки кај постари пациентки каде што успехот е некаде околу 40 отсто. Тоа само ја потенцира важноста на квалитетот кај младата јајна клетка. Оваа програма веќе е етаблирана во нашиот центар, има интерес и се реализира.

Сегашната интенција за одлив на млади индивидуи од нашата држава уште повеќе го потенцира овој момент и ние имаме сигнификантно зголемен број на млади жени што живеат и работат во странство, а имаат замрзнато свои јајни клетки кај нас.
Интересно е дека иницијално, пред повеќе години, овој протокол на замрзнување јајни клетки го започнавме кај жени кај кои се планираа операции или хемотерапии, поради тумори, гранични карциноми на јајник, карциноми на дојка или други органи, при што може да се дојде до ситуација на сигнификантно намалување на репродуктивниот потенцијал на јајниците. Затоа започнавме програма за замрзнување јајни клетки или ембриони пред оперативниот пристап или адјувантната терапија, за понатаму, по совладување на болеста, жената да може да си го планира и своето потомство. Сигурен сум дека сознанието дека има замрзнати свои јајни клетки би ѝ помогнало на секоја пациентка соочена со тешка болест и терапија, истото тоа да го преброди многу полесно кога знае дека по оздравувањето ќе има шанса за свое потомство и дека болеста не ѝ ја одзела можноста за мајчинство. Улогата на нас гинеколозите е да ги запознаеме пациентките и со оваа можност и за постапката за добивање на тие јајни клетки и во консултација со онколог да се испланираат оваа процедура и лекувањето.

Фото: Горан Анастасовски

Каква е состојбата со донацијата на гамети?
– Донацијата на гамети, сперматозоиди и јајни клетки, се аплицира во оние случаи во кои можностите на вонтелесното оплодување се исцрпени или воопшто не можат да се применат. Кај машкиот фактор секако е ситуацијата на отсуство на сперматозоиди било во спермограмот било при тестикуларната биопсија. Кај женскиот фактор одлуката е малку покомплицирана, секако ако ги изолираме случаите на отсуство на јајници по оперативен третман. Како што веќе објаснив, кај жената фертилниот потенцијал опаѓа по 35-та година од животот, а драматичен пад се евидентира по 40-та година. Но не секогаш фертилниот потенцијал на јајникот ја следи старосната доба на жената. Прематурното оваријално пропаѓање може да се случи и кај жени под 40 години. Тоа го детектираме со ултразвучен преглед, односно калкулација на таканаречениот антрален фоликуларен индекс на јајникот и испитување на маркери за оваријалната резерва како АМ-хормон. Велам покомплицирано, бидејќи и при состојба на намалена оваријална резерва не може иперативно да се заклучи дека конкретна жена не може да забремени со свои ооцити, но шансите се многу помали. Друга состојба каде што донацијата на гамети е индицирана е генетската оптовареност на идните родители.

Мојот став е дека кај младата популација треба, покрај тестовите на скрининг за карцином на грлото на матката што се задолжителни, задолжително да се воведат и спермограм и ултразвучен преглед на јајниците во процена на фертилната способност. Со тоа кај категориите кај кои се навестува прерано пропаѓање на фертилниот потенцијал да се замрзнат гамети. Ова го зборувам бидејќи силно верувам дека превентивата е секогаш подобар избор.

Посебна околност што нашиот закон ја дозволува е самохраната мајка да има свое дете, ако нема партнер, но сепак треба да има индикација за неплодност кај жената. Успехот на ИВФ со донација на јајни клетки е висок поради тоа што квалитетот на донираната јајна клетка е потенциран, а матката од друга страна е репродуктивен орган чија главна цел е да износи бременост и може артефицијално квалитетно да се подготви и во подоцнежна старост на пациентката.

Нашата држава меѓу првите земји од поранешна Југославија донесе закон за донации на гамети, програмата е добро конципирана, законски регулирана, одлично контролирана, максимално ги заштитува пациентите. Во оваа смила е и податокот што законот дозволува активност на донатор до само две живородени деца, потоа тој донатор не смее да аплицира повеќе.

Како се движи бројот на донации, дали има интерес за нив?
– Што се однесува до нашиот центар секоја година имаме раст на бројот на донации. Покрај домашните пациенти, сѐ поголем е бројот на пациентки што доаѓаат од околните земји како Србија, Хрватска, Црна Гора, Косово, а расте и бројот на пациентки за донација и од други земји. Тоа е секако резултат на квалитетот на услугата што ја дава центарот. Материјалот за донација го увезуваме од реномирани европски банки сертифицирани за оваа активност. Донаторството во нашата земја е анонимно. Законот за биопотпомогнато оплодување дава можност донор да биде секој што ги исполнува условите, но интересот не е на високо ниво, па затоа ние увезуваме гамети. Имаше одредени активности пред неколку години за формирање банка на дел од земјите од бившите југословенски простори, но, за жал, како да немаше доволно енергија да се оствари таа идеја.

Каква порака им испраќате на идните родители?
– Крајниот резултат на нашите и нивни напори е дете. При најтешките моменти и при комплицираните процедури секогаш треба да помислат и да запомнат зошто го прават тоа и тогаш сè се олеснува. И треба да знаат дека сите што ја работиме оваа работа ги доживуваме и ги преживуваме лошите и убавите моменти со нив. А во моментот на раѓањето нов живот, радоста е бескрајна, како на родителите така и на нашиот тим, секојдневно потсетувајќи нѐ каква привилегија имаме работејќи го овој дел од медицината. Н.Б.З.