Сегашното темпо на приближување до економскиот просек на ЕУ е премногу бавно. Економиите на земјите од Западен Балкан се само 30-50 отсто од просекот на ЕУ, оценува Европската комисија, која на Унијата ѝ предложи план за економски раст на Западен Балкан за побрза интеграција во Унијата.
Во планот остварувањето на економскиот просек односно економската поврзаност со европската економија на економиите од регионот е еден од клучните аспекти на пристапувањето.
– Економската конвергенција е суштински елемент за приближување на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија. Во моментов брзината на зближување меѓу земјите од регионот и ЕУ и нејзиното ниво не е задоволително – ниту во економска, ниту во реформска смисла. Тоа го попречува нивниот напредок на патот кон ЕУ – се наведува во планот.
Понудата, според ЕК, има цел да донесе некои од економските придобивки во претпристапниот период за да изгради посилни, поотпорни економии и да обезбеди секојдневни економски придобивки за бизнисите, работниците и потрошувачите. Тоа, пак, ќе има придобивки за целата интеграција во ЕУ на добро подготвени и економски посилни земји што ги применуваат правилата и стандардите на ЕУ уште пред своето пристапување.
ЕК смета дека планот ќе им овозможи на земјите од Западен Балкан да ги забрзаат реформите и инвестициите за значително да се забрзаат процесот на проширување и растот на нивните економии.
Планот содржи четири столба: единствениот пазар на ЕУ, регионалниот пазар, забрзување на реформите и зголемување на финансиската помош за реформи.
Планот за раст предлага интеграција на земјите од Западен Балкан во седум сектори на единствениот пазар на ЕУ и зголемено финансирање преку фонд за реформи и раст, кој ќе го сочинуваат грантови и поволни заеми во износ од шест милијарди евра во периодот од 2024 до 2027 година. Од вкупниот фонд, две милијарди ќе бидат во форма на грантови, а четири милијарди евра во форма на поволни заеми. Грантовите треба да се обезбедат преку ревизија на тековниот буџет на ЕУ за периодот од 2021 до 2028 година.
Според најавите од комисијата, сумата од шест милијарди евра начелно ќе биде распределена меѓу земјите од регионот, но ќе се троши флексибилно, што значи дека земјите што побрзо напредуваат во реформите ќе можат да сметаат на парите што „побавните“ земји не ги користат. К.М.