Министерот апелира да се изгласаат законските измени за исплата на тутунарите

Тргнете ја политиката од земјоделството, посебно сега, во услови на криза и војна и сите, едногласно, без секунда одложување, изгласајте ги измените на Законот за земјоделство и рурален развој со кој на над 20.000 туутнопроизводители треба да им бидат исплатени 1,3 милијарди денари, апелира денеска до пратениците министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски пред почетокот на 64 пленарна седница.

Според Николовски, кој досега неколку пати апелира до Парламентот да ги донесе земјоделските закони без одлагање, политика имало и ќе има, но тоа никако не смее да биде на штета на земјоделците и граѓаните.

– Зошто се блокира вака битен закон и се одолговлекува неговото донесување кога тоа им штети на над 20.000 тутунопроизвподители кои ги чекаат годинашните субвенции? Ваквата блокада е нешто сосема неодговорно кон тутунарите, но ја одолговлекува и генерално поддршката за земјоделците кои треба да произведат храна. Затоа, наместо да го кажувате својот партиски глас, слушнете го гласот на тутунарите и сите земјоделци. Без одлагање и без партиски говори донесети ги законските измени – рече Николовски.

Министерот сепак очекува дека законските измени денеска ќе бидат донесени.

– Очекувам тоа да се случи и законот да биде потпишан од претседтаелот на Собанието и од претседателот на државата, за од утре, веднаш, да почне реализацијата на субвенциите – потенцира Николовски.

Директорот на Платежната агенција Никица Бачовски дополни дека финансиските средства во висина од 1,3 милијарди денари се обезбедени и може веднаш да се префрлат на сметките на тутунарите, по донесувањето на законот во Собранието.

– Платежната агенција е подготвена тоа да го стори веднаш по донесувањето на Законот. Пратениците да се вразумат, средства има и парите ќе се најдат на сметките на тутунарите по донесување на законот. Очекувам законот денеска да биде изгласан, а ние ветуваме дека веднаш потоа и по објавувањето на законот во службен весник, 1,3 милијарди денари ќе се најдат кај тутнарите. Податоците се собрани и обработени, се чека само исплатата – изјави Бачовски.


Николовски со писмо до Пендаровски, очекува приоритетно потпишување на донесените законски измени

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски писмено и телефонски го информирал претседателот на државата Стево Пендаровски дека во Собранието поминаа измените на Законот за земјоделство и рурален развој со кои на тутунопроизвподителите ќе им бидат исплатени 1,3 милијарди денари.

Николовски се надева, како што објави на својот Фејсбук профил, дека овој, но и идните земјоделски закони ќе станат пример за конструктивност и политичка култура, наместо симбол на кочење, блокади и политички пресметки.

– Благодарност до претседателот Стево Пендаровски кој истакна дека одблиску ја следел целата дебата и случувања поврзани со законското решение, како и дека потпишувањето на овој Закон од негова страна ќе биде со врвен приоритет. Искрено се надевам дека овој, но и идните сетови закони предложени од страна на Министерство за земјоделство кои земјоделците долго ги очекуваат за да ги остварат своите права, ќе станат пример на конструктивност и политичка култура, наместо симбол на кочење, блокади и политички пресметки за освојување на власта што оди на директна штета на македонскиот земјоделец, а со тоа и на сите граѓани, напиша Николовски.

Тој во целот го објавува писмото до Пендаровски преку кое, од името на засегнатите земјоделци, апелира претседателот да даде приоритет во потпишувањето на овој Закон со што забрзано ќе се овозможи исплатата на заслужената поддршка и на финансиски средства за стимулација на земјоделците и земјоделското производство во вакви кризи времиња.

– Во овој клучен период се носат исклучително важни закони за нашите сограѓани земјоделци и традиционалните земјоделски семејства. И покрај повеќемесечното кочење и блокирање на овие важни закони предложени од Владата, барем за момент покажавме дека доколку заедно на прво место ги поставуваме приоритетите на граѓаните, наместо теснопартиските интереси, може да се носат разумни одлуки од кои полза има целото македонско општество. Моето лично убедување, кое неколку пати и директно го истакнав пред пратениците и Собранието, е дека токму ова е наша основна работа како политичари – постојано да го штитиме и застапуваме интересот на сите граѓани. Во овој период на економска, енергетска и потенцијална криза за храна, во соработка со земјоделците, нивните здруженија и експертската јавност, носиме навремени одлуки со кои ги антиципираме тековните и идни предизвици поврзани со поддршка на производството на стратешки важните земјоделски култури – подвлекува министерот во писмото.