Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика ги соопшти новите цени на струјата за домаќинства

Корисниците на електрична енергија од првиот блок, кои имаат најмала потрошувачка, од 1 јануари ќе плаќаат поевтина струја, цената на струјата за корисниците од вториот блок останува иста, а поскапува струјата за корисниците од третиот и од четвртиот блок. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, ги соопшти новите цени на струјата за домаќинства.
– Цената на струјата од 1 јануари се намалува за првиот блок за 5,16 отсто, вториот блок и евтината тарифа се исти, третиот блок се зголемува за 2,88 отсто и за четвртиот блок се зголемува за 1,86 отсто. Доколку не се воведеше надоместок за пристап кон мрежа, цената на првиот блок ќе се зголемеше за 3,4 отсто, за вториот блок би се зголемила за 8,62 отсто, за третиот блок за 9,46 отсто, за четвртиот блок за 4,92 отсто и евтината тарифа за 15,42 отсто – вели Бислимоски.
Со новиот концепт пристап кон мрежа, Бислимовски смета дека е направена фер распределба на трошокот за мрежа меѓу редовните корисници и оние потрошувачи што повремено ги користат објектите, а мрежарината се намалува за речиси 23 отсто.
АД МЕПСО, Електродистрибуција и МЕМО побараа од Регулаторната комисија струјата од 1 јануари да поскапи 27 отсто, но можноста за толкаво поскапување, претседателот Бислимоски ја исклучи кусо време по добивањето на барањата со најава дека ќе се анализираат пресметките.
Пред две недели, министерот за економија Крешник Бектеши уверуваше дека струјата нема да поскапи од 1 јануари, бидејќи барањата за поскапување од 27 отсто нема да бидат прифатени. K.M.