Јасни пораки од конференцијата на темата „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски порача дека само со реализација на стратегиските цели на државата, нејзината економија може да стане поконкурентна.
Мицкоски пред почетокот на конференцијата на „Блумберг Адрија“, на темата „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“, која се одржа вчера во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање како може Владата да помогне Македонија да направи диверзификација на извозот и на тој начин да стане поконкретна, истакна дека не може прекуноќ да се промени еден систем што е граден со децении и за да се случи тоа, потребно е да се реализираат стратегиските цели на државата.
– Прво, вие не можете прекуноќ да промените еден систем што е граден со децении и немате магично стапче да речете од утре сега веќе нема да се потпираме само на една опција, имаме неколку опции. Треба време. За да се случи тоа, потребно е да ги реализираме стратегиските цели на државата. Јас секогаш зборувам за тоа, еве ја користам и оваа можност сега да потенцирам дека мојот сон, бидејќи сме земја што за жал не излегува на море, и овој недостаток треба да го претвориме во наша предност – истакна Мицкоски.
Понатаму тој се осврна на точките што би можеле да бидат наша предност и кои можат да донесат бенефиција за земјата.
– Ние сме природна раскрсница на два многу значајни европски коридори, тоа се коридорите 8 и 10. На тој начин, кога ќе го заокружиме овој процес, ние ќе бидеме раскрсница и на транспортниот и на железничкиот и на енергетскиот, би рекол, и енергетска раскрсница во овој дел на Европа. И тоа е она што нам треба да ни даде геостратегиска предност за да можеме како држава најпрвин да бидеме во зеницата, во радарот на големите инвеститори и на големите земји – изјави премиерот Мицкоски.
Што се однесува до Германија и економските турбуленции што се случуваат таму, македонскиот премиер подвлече дека ние нема веднаш сега да го почувствуваме тоа, но таму некаде во вториот квартал следната година е можно да има негативни ефекти, и не само кај нас, светот ќе има негативни ефекти, а особено Европа.
– Затоа ние многу внимателно пристапуваме и затоа многу внимателно планираме да ги трошиме средствата што ги заработуваме и во централниот буџет, но и ги позајмуваме. И тоа треба да бидат трошења само во насока на вложување во инвестиции, не во јавна потрошувачка туку во инвестиции. И затоа рековме од оние половина милијарда евра пари што веќе се легнати на сметката на Народната банка, половина ќе бидат за компаниите, односно кредити за компаниите, и веќе сме во преговори со банките, како овој процес ќе функционира во пракса за да останат истите услови – рече Мицкоски.
Тој уште додаде дека во тек се преговори со банките за да може парите од унгарскиот кредит да се наменат и за компаниите по поволни услови.
– Морам да кажам дека почетоците на овие преговори не се онакви какви што очекувавме ние. Но, тоа е што е. Ќе разговараме со банките, па ќе видиме до каде ќе стигнеме, но во секој случај компаниите ќе ги имаат истите услови што ги имаше оној заем, односно 3,25 отсто камата, три години грејс период и период на отплата до 12 години дополнителни. Има тука дилема кај некои од банките дали можат машините повеќе од седум години да бидат интабулирани поради амортизацијата и така натаму. Но се надевам дека низ еден разговор сето ова ќе биде надминато и преостанатите средства ќе бидат за капитални инвестиции, дел за општините, дел за централната влада, бидејќи не можат сите општини веднаш да ги стерилизираат овие пари во нивните инвестиции, бидејќи ќе треба време итн. – истакна Мицкоски.
Тој уште потенцира дека наша цел е да ѝ се даде еден драјвер на економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложување од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа.
– Така што нашата цел е да ѝ дадеме еден драјвер на економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложување од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа. На тој начин очекуваме да се зголеми продуктивноста, а со зголемување на продуктивноста да се обидеме да го зголемите и приходот и да ги подобриме перформансите на економијата. Но, да завршам, доколку ние веднаш очекуваме дека од една опција што сме ја имале наеднаш ќе имаме 10, 20, 50 опции, тоа е невозможно бидејќи немаме толку голем број на природни ресурси на располагање. Немаме нафта, немаме гас, не сме држава на море, така што сето ова што го зборував е наша стратегиска определба како влада и мој личен сон и мислам дека многу скоро денеска ќе реализираме тоа – изјави Мицкоски. Е.Р.