Интервју со Марко Миленковиќ, судија и инвеститор на „Лонгест бизнис пич маратон“
Предизвикот да се размислува поинаку, „надвор од рамката“, да се предложат нови правци на дејствување и да се направи обид преку кој иновативните идеи ќе бидат разбирливо објаснети, ставени во функција и практично применети, е главниот поттик за вложување во иновативни идеи
Настанот „Лонгест бизнис пич маратон“ што неодамна се одржа во Скопје имаше цел да собере голем број бизнис-идеи од кои ќе се изберат најдобрите, со цел намалување на ризикот на инвеститорите. Разговаравме со еден од главните судии на настанот и инвеститор Марко Миленковиќ, кој истакна дека она што го постигна овој настан и што, секако, претставува негова најголема вредност е изместувањето на вкоренетиот начин на размислување на овдешниот човек од „убаво кажано, но никогаш направено“ во „добро направеното е подобро од добро кажаното“, додавајќи дека успешноста на настанот ги обврзува да продолжат во насока на правење на невозможното – возможно. Миленковиќ е дипломиран економист на државниот Економски факултет во Скопје – департман финансиски менаџмент, магистер по економски науки од областа на монетарна економија, финансии и банкарство и докторанд на истиот факултет – насока инвестициско банкарство, со повеќе од 10 години работен стаж во најголемата домашна деловна банка во областа на ризични пласмани, приватен инвеститор.
Која е вашата мотивација за вклучување во настанот за постигнување на светскиот гинисов рекорд за најдолг бизнис-маратон?
– Задоволството од придонесувањето во остварувањето на нечија бизнис-идеја почнав да го чувствувам пред повеќе од пет години, кога почнав со вложување лични финансиски средства во најсериозните деловни потфати во нашата држава, поточно 10-те најдобри македонски компании што котираат на берза. Од тој момент вербата дадена на основа на споделување на еднаков вредносен систем со компаниите во кои ги вложував своите средства имаше и дополнителен посреден ефект на личниот раст и развој. Последново ме натера да продолжам со вложување, така што отпочнав со вложување во странски компании по веќе проверениот принцип – вложување во деловни потфати што го делат истиот вредносен систем како мене, поконкретно компании што се насочени кон иднината со иновативни решенија од областа на автомобилската индустрија (еколошки електрични возила) и компании со изразен далекосежен иновативен поглед од областа на фармацијата (прехрана и лекови).
Исцрпувајќи ги постојните можности за одржување во живот на чувството за придонесување во остварувањето нечија бизнис-идеја преку вложување лични средства се јави поттикот за моето учество во „Лонгест бизнис пич маратон“. Овој настан ми овозможи да влезам во следната фаза од мојот живот како инвеститор – рано инвестирање во нови компании, кои штотуку го почнуваат своето деловно работење, т.н. стартапи. Имајќи ги предвид стекнатото искуство и постигнатите позитивни резултати од моите претходни вложувања сметам дека сум донел исправна инвестициска одлука. Верувам дека иднината е светла, настанот е токму она што ми ја влева оваа верба.
Дали постигнувањето на гинисовиот рекорд е дополнителна мотивацијата за инвестирање само во идеи и давање неопходна поддршка?
– Една позната мисла вели: „Мали умови расправаат за луѓе, просечни умови расправаат за настани, големи умови расправаат за идеи“. Идеите се производ на размислувањето и тие се своевиден предлог за можен правец на дејствување. Иновативните идеи, пак, се производ на размислување што е поразлично од постојните начини на размислување и предлогот за можен правец на дејствување на ваквите идеи подразбира целосно нов правец. Да се размислува „надвор од рамката“, односно да се размислува различно од општоприфатените начини на размислување не е воопшто лесно, но она што е уште потешко е „излегувањето од рамката“ и истото тоа претставува предуслов за доаѓање до иновативни идеи – предлози за нови правци на дејствување. Сепак, поседувањето иновативни идеи не е доволно да бидеш сметан за посебен. Она што ќе го одвои посебниот поседувач на иновативни идеи од преостанатата толпа на поседувачи на иновативни идеи е јасното објаснување, ставањето во функција и практичната примена на тие идеи. Предизвикот да се размислува поинаку, „надвор од рамката“, да се предложат нови правци на дејствување и да се направи обид преку кој иновативните идеи ќе бидат разбирливо објаснети, ставени во функција и практично применети е главниот поттик за моето вложување во иновативни идеи. Постоењето идеи и нивната размена е вистинско богатство. Вистинското богатство подразбира давање, а не земање. Светот поседува доволно ресурси за сечии потреби, но не и за сечии алчности.
Какви се плановите за понатамошни активности со цел поддршка на стартапите?
– Она што го постигна настанот „Лонгест бизнис пич маратон“ и што, секако, претставува негова најголема вредност е изместувањето на вкоренетиот начин на размислување на овдешниот човек од „убаво кажано, но никогаш направено“ во „добро направеното е подобро од добро кажаното“. Успешноста на настанот нѐ обврзува да продолжиме во насока на правење на невозможното – возможно.
Дополнително, се надевам дека мојот пример ќе поттикне и други физички лица со свои лични средства да се вклучат во вложување во иновативни идеи, како приватни инвеститори, за што во лични контакти со ценети стручни луѓе од нашите највисоки образовни институции и најдобрите финансиски институции добив потврда за нивната подготвеност за идно вклучување во слични вакви настани, а наедно и уверување дека ова е вистинскиот пат кон поквалитетен животен стандард и градење ново, подобрено општество од кое сите ќе имаат корист.