Во технолошко-индустриските развојни зони е регистрирана највисока економска активност во првиот квартал од годината и во однос на извозот и во однос на увозот, покажува редовната месечна анализа на ТИРЗ.
Според податоците од анализата, извозот достигна 851,6 милиони евра, што е пораст од речиси 10 проценти во однос на истиот период лани и над 42 проценти во однос на 2020 година. Во однос на првиот квартал од 2019 година, растот изнесува 22,5 проценти, а во однос на 2018 година извозната активност во првото тримесечје е зголемена за речиси 55 отсто. На месечно ниво, вкупниот извоз од зоните во март достигна 263 милиони евра, што е за околу два процента повеќе споредено со истиот период лани.
И во однос на увозот е регистрирано највисоко ниво досега споредено по квартали во изминативе пет години. Така, увозот во првиот квартал од годинава достигна 744,6 милиони евра и е за 1,5 проценти повисок од истиот период лани и за 35 проценти повисок во однос на првото тримесечје во 2020 година. Во споредба со 2019 година, порастот е речиси 18 проценти, а во однос на 2018 година увозната активност на компаниите во ТИРЗ во првиот квартал е зголемена за над 52 отсто. Месечниот увоз во ТИРЗ во март е на ниво од 239 милиони и е на ниво од истиот период лани. Анализата покажува дека во третиот месец од годинава е регистрирано и повисоко ниво на нето извозот од 14,3 проценти.
Пораст е забележан и во бројот на вработени. Во компаниите во ТИРЗ работат 14.512 граѓани што е за речиси пет проценти повеќе во однос на истиот период лани, а споредено само со почетокот на годинава над 500 граѓани се вработиле во компаниите во ТИРЗ.
– Се очекува трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што ТИРЗ во 2021 година постигна договори за инвестиции во вкупен обем од 188 милиони евра кои треба да донесат вкупно 2.700 нови работни места. Анализата покажува и дека 90 проценти од компаниите во март имаат зголемени извозни активности споредено со март 2021 година, што укажува на стабилно производство и во период на глобални предизвици од воената агресија врз Украина, како и движењата на цените на енергетските пазари – се наведува во соопштението од ТИРЗ.