Платформата е место каде што има статистика за „брокерите“ со криптовалути и секој корисник ќе може самостојно да одлучи дали и кого би сакал да го копира, вели Енес Ибраими, сопственик на „Клони софтвер“

Домашните стартап-компании влегуваат на пазарите за виртуелни пари

Стартап-компанијата „Клони софтвер“ (clony.io)  постои од август 2022 година и нејзин продукт е платформата Клони.ио, која служи за копирање криптотрговци („брокери“). Платформата е наменета за автоматско тргување со крипто, каде што клиентите можат да ги следат лидерите во оваа трговија и да изградат сопствено криптопортфолио во различно време. Во компанијата се вработени две лица, а користи и надворешни консултанти. Компанијата е основана по победата на „Лонгест бизнис пич маратон“, кој успеа да влезе во Гинисовата книга на рекорди. Сопственик е Енес Ибраими, кој ја појаснува функцијата на платформата за криптовалути.

Во што се состои клони-платформата? Колку таа е прифатена кај нас?
– Платформата е место каде што има статистика за „брокерите“ со криптовалути и секој корисник ќе може самостојно да одлучи дали и кого би сакал да го копира. Сѐ што треба корисникот е да има профил на криптоберзата binance и на нашата платформа ќе ѝ овозможи тргување со средствата што ги има корисникот. Кај нас и покрај тоа што криптовалутите се законски во неутралната зона, има голем интерес од луѓето и изненадувачко големо познавање.
Со платформата може да се следат лидерите во трговијата во криптовалутите? Каква е сликата на глобално ниво? Кој може да се смета за криптолидер?
– Криптолидер е интересен поим што тешко може да се објасни, меѓутоа кај нас на платформата статистиките што им ги прикажуваме на корисниците се реални и оној со најдобри статистички бројки, односно со најголем профит на месечно или неделно ниво може да се каже дека е лидер. Тоа значи дека доколку го следите него преку нашата платформа, по претходно успешно креирање профил имате најголема шанса да заработите.

Дали може да се добие преглед за македонскиот пазар на криптовалути? Кои се лидерите во Македонија?
– Самиот криптопазар и криптосметки се на некој начин заштитени, за да не може да се добијат такви информации барем додека сме без законска регулатива во државата. А кој е македонскиот криптолидер? Мислам дека е неблагодарно да му се даде титулата некому. Имам многу познаници што се занимаваат со оваа работа и се доста успешни. Јас лично се занимавам повеќе од седум години со тргување со криптовалути и сум им личен „брокер“ на голем број сметки од корисници, но сепак не би можел да кажам дека сум лидер.

Колку поддршката од акцелераторот УКИМ ви овозможи да ги реализирате своите решенија?
– Благодарение на БАУ и иницијалните 25 илјади евра, ние започнавме да ја развиваме платформата и да ги покриеме трошоците што ги имаме на почетокот. Секогаш се расположени за совет и нѐ имаат покането на многу други настани каде што сме ја презентирале нашата платформа и нѐ претставиле пред многу инвеститори од кои очекуваме финансиска поддршка. Се надевам на успешна соработка во иднина и благодарение на нив очекувам да ни се отворат уште многу можности за поддршка. М.Ј.


Со инвестиции во 10 стартап-компании, акцелераторот УКИМ ја зајакнува својата улога како центар за развој на иновации. Акцелераторот УКИМ на 13 март 2023 година во просториите на центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, ги претстави резултатите од работењето во изминативе четири години и ги презентира новите три инвестиции во стартап-компании пред повеќе од 100 гости од академската заедница, приватниот сектор и инвеститори… Акцелераторот УКИМ е основан во 2018 година од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и уште три содружници со специјалност во управување со инвестициското портфолио и развој на бизнисот: РС Македонија, развојната фондација „Кримсон“ и фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“. Овие партнерства го прават акцелераторот УКИМ единствен во неговата способност да обезбедува квалитетни и уникатни услуги за заедницата на иноватори и претприемачи, како и совршена можност да се поврзе академијата со приватниот сектор. Акцелераторот УКИМ, кој инвестираше 533.000 евра во 10 стартапи, покажа дека македонските стартапи сериозно работат на својата инвестициска подготвеност и истите тие обезбедија дополнителни еден милион евра, но и дека со заедничка соработка и поддршка можеме побрзо да растеме и да се развиваме.