Луѓето сега можат да заработуваат вистински пари со играње игри базирани на криптовалути. Со користење незаменливи токени, гејмерите може да заработат средства во игрите и токени што може да се тргуваат на криптомаркетот, вели Стефан Савевски од македонската стартап-компанија „Криптерн“

Домашните стартап-компании влегуваат на пазарите за виртуелни пари

Минатата година криптосветот зеде голем замав и ние учествувавме во тоа. Се појавија игри од кои може да се заработуваат токени и тие да се менуваат за вистински пари, вели Стефан Савевски од македонската стартап-компанија „Криптерн“, која се занимава со компјутерско програмирање и услуги. Целта на овој млад тим е да се направи платформа за поврзување на гејмерите што играат криптоигри и на инвеститорите.

Зошто се одлучивте да креирате платформа за криптоиграчи?
– Пред да постои идејата за „Криптерн“, јас и моите пријатели решивме да се соединиме и да ги замениме игрите како Counter Strike, Dota 2 и слично за нешто покорисно и да купиме незаменливи токени (НФТ) во играта Акси инфинити. Вложивме околу 15.000 евра како тест и си ја повративме инвестицијата за шест месеци. Со текот на времето станавме едни од најдобрите играчи во светот и почнавме да им ги изнајмуваме нашите средства во играта на други пријатели, како и на луѓе од Филипините. Решивме да ја тестираме нашата идеја на стартап-викенд во Охрид, каде што ја разработивме поубаво, и потоа помогнавме да се собори Гинисовиот рекорд – „Лонгест пич маратон“, каде што ја освоивме првата награда и инвестиција од 25.000 евра за да продолжиме со работа.
Дали оваа платформа е наменета за гејмерите или за вистинските играчи на пазарот на криптовалути? Постојат ли услови за да се пристапи до оваа видеоигра?
– Платформата произлегува од основниот проблем што го има во Веб3-гејминг светот. Има гејмери што живеат во земји каде што има огромна инфлација како што се Филипините и Венецуела. Тие имаат време и вештини за да може да играат криптоигри каде што можат да заработат токени, т.е. пари. Но тие немаат доволно пари за да купат НФТ за да можат да почнат да ги играат, што е чест услов во криптоигрите. Од друга страна, постојат инвеститори што можат да ги изнајмат нивните НФТ и да поделат дел од заработката што се добива од играта. Досега, целиот овој процес се случуваше мануелно. Нашата платформа го автоматизира овој процес и за двете страни. Инвеститорите може да дојдат и да купат или да изнајмат средства за во криптоигрите, а играчите може да дојдат и да ги користат овие средства бесплатно, но да ја делат заработката.

Главната порака на веб-страницата е „играј за заработка“, каде што може да се заработат вистински пари со играње видеоигри што се фокусирани на средства засновани на криптовалути. Можете ли да ни го објасните овој начин на заработка?
– Луѓето сега можат да заработуваат вистински пари со играње игри базирани на криптовалути. Со користење незаменливи токени (НФТ), гејмерите може да заработат средства во игрите и токени што може да се тргуваат на криптомаркетот. Овој нов бизнис-модел се нарекува „играј за заработка“. Секоја игра што користи ваква технологија има своја механика базирана на нејзиниот формат и тип. Тоа може да биде MOBA, FPS, auto-battler, MMO и слично. Замислете игри како Dota 2, Counter Strike и World of Warcraft, само што победувањето на други играчи и чудовишта ве наградува со дигитални валути.

– Кој може да пристапи до оваа платформа, има ли некои ограничувања?
Секој може да пристапи на нашата платформа и немаме никакви ограничувања. Сите може да прочитаат повеќе за криптогејминг-светот, да купат незаменливи токени (НФТ) што ние ќе им ги изнајмиме на гејмерите и да заработуваат токени пасивно или, пак, да се обидат да играат!