Производителите на ориз од Кочанскиот Регион бараат сите земјоделци што произведуваат ориз да бидат опфатени со финансиската помош – три денари за килограм предадена арпа. За да се реализира тоа, земјоделците посочуваат дека е неопходно рокот за предавање на арпата да продолжи до јуни. На Министерството за земјоделство му даваат рок од две недели да најде начин да го спроведе ова барање, а во спротивно, најавуваат дека ќе организираат нови протести и ќе ги блокираат магистралните патишта. Производителите до петок очекуваат ресорното министерство да организира средба на која ќе ги образложат барањата и додаваат дека се надеваат оти ќе се најде заедничко решение за да се избегне блокирањето на сообраќајниците.
– Нашите сознанија се дека само на 15 отсто од земјоделците што успеале до 15 декември да ги предадат произведените количества им е исплатена финансиската помош. Временски не можеа сите да стигнат да ја продадат арпата, зашто жетвата на оризот завршува до крајот на октомври, ниту, пак, откупувачите физички со своите капацитети можеа да стигнат да ги исполнат условите. Исто така, не се опфатени ниту земјоделците што ја преработиле арпата во бел ориз. Затоа бараме редовните субвенции да останат по 3.000 денари за декар и да бидат исплатени за 15 дена, а рокот за откуп на арпата, заради добивање на дополнителната финансиска помош, да се продолжи до јуни. Ако не добиеме позитивен одговор, ќе излеземе на протести со блокада на патиштата – изјави земјоделецот Здравко Коцев од Облешево.
Земјоделците што произведуваат ориз се во дилема како ќе ја почнат сеидбената сезона оваа година поради драстично зголемените трошоци на вештачките ѓубрива и заштитните препарати.
– Една вреќа ѓубре од 25 килограми сега чини 1.650 денари, а ќе се покачат и цените на хербицидите, што значи дека трошоците по декар се зголемени за сто отсто. Со сегашните откупни цени не можеме да ги покриеме давачките, а не станува збор за заработувачка. Затоа очекуваме арпата да се откупува по 40 денари, а белиот ориз по 80 денари за килограм – истакна Стојче Ташевски, земјоделец од Облешево.