Фото: Пиксабеј

Термокапацитетите за производство на електрична енергија на ЕСМ се стари по 40-тина години поради што е нормално да имаат испади во текот на зимата, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски.

– Токму затоа предвидовме финансиски средства за увоз на електрична енергија за секој месец при испади кои ќе се случуваат во производствените капацитети. Тоа е нормално да се случува кога работите со производствен капацитет од 1978 година – рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Ситуацијата, како што истакна, се следи на дневна основа и Владата на најтранспарентен начин информира за сите детали кои се дел од енергетскиот систем на државата. Тој посочи дека никој во државата веќе триесетина години не инвестирал во ниту еден нов голем капацитет за производство на базна електрична енергија.

Ковачевски информира дека блокот број 2 во РЕК „Битола“ не работи од вчера поради пукната цевка.

– Се работи за пукната цевка во текот на вчерашниот ден. Според информациите од инженерскиот тим во РЕК „Битола“ треба да се отстрани за 24 часа и блокот повторно да биде ставен во употреба -посочи Ковачевски.

Добро е, додаде премиерот, што завршува ремонтот во РЕК „Осломеј“ и во наредните денови ќе биде ставен во функција.

– Завршуваат и проверките на генераторот во ТЕЦ „Неготино“, кој исто така треба да биде ставен во функција, а веќе пристигнуваат и деловите за ставање во функција на трансформаторот на третиот блок во РЕК „Битола“ кој беше изгорен минатата година. ТЕЦ „Неготино“ не работеше затоа што производната цена на електричната енергија беше поскапа отколку на берзата. Но, и во текот на работата стручните лица забележаа дека има одредена сигнализација на генераторот на ТЕЦ „Неготино“. И овој капацитет е стар колку првиот блок на РЕК „Битола“ и затоа сметаа дека треба да се отвори генераторот зашто не смее да се дозволи доколку станува збор за почетен дефект да прерасне во сериозен дефект за кој треба да се потрошат ресурси и време. Затоа донесоа одлука да се отвори и точно да се провери за што станува збор – посочи Ковачевски, додавајќи дека привршуваат сите проверки на генераторот во ТЕЦ „Неготино“.

Премиерот нагласи дека Владата определи финансиски средства за справување со енергетската криза и со цел да нема ценовен шок за граѓаните се субвенционира 80 отсто од цената на електричната енергија за сите домаќинства, а субвенционирана електрична енергија има и за сите 72.000 мали потрошувачи, односно компании кои вработуваат 98 проценти од граѓаните.

Дополнително на снабдување со повластена цена на електрична енергија, потенцира Ковачевски, се ставени и сите средни и основни училишта во државата, како и компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи.

– Тоа Владата го направи за да нема ценовен шок кај граѓаните, да нема прекин во наставата, за да има топлина во Скопје и за да ја намалиме цената на основните прехранбени производи за најмалку 10 проценти – рече Ковачевски и додаде дека веќе кај голем број производители е намалена цената на лебот, а кај најголемиот производител на масло цената е намалена за 40 денари.