Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Цените на храната во ноември во светски рамки останаа на најниско ниво во споредба со изминатите две и пол години, поради поевтините жита, објави Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).
Индексот на цените на ФАО на кошничката основни прехранбени производи во ноември беше во просек 120,4 поени и беше речиси непроменет во однос на октомври кога падна на најниско ниво во однос на март 2021 година. Во однос на ланскиот ноември, индексот е помал за 10,7 отсто. Во ноември цените на житото паднаа за 3,0 отсто во однос на октомври, поради остриот пад на цените на пченката и пченицата.
Во овој период единствено поскапеа растителните масла, млекото и млечните производи и шеќерот. Маслата поскапеа за 3,4 отсто во однос на октомври, поттикнати од скокот на цените на палминото масло, за повеќе од шест отсто поради зголемената побарувачка и сезонски детерминираната послаба понуда од големите производители. Забележително се зголемија и цените на млекото и млечните производи, за 2,2 отсто во однос на октомври, како резултат на силната побарувачка за путер и обезмастено млеко во прав во североисточна Азија и зголеменото претпразнично купување во Западна Европа. Се зголеми и цената на шеќерот, за 1,4 отсто, поради влошувањето на изгледите за производството во Тајланд и Индија. Е.Р.