Фото: Принт-скрин

Потпишувањето меморандум за разбирање меѓу АД ЕСМ и азербејџански СОКАР е навистина фантастична вест и е нешто позитивно за нас како држава, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Нагласи дека очекува со меморандумот државава да добива уште пониска цена за природниот гас.

-СОКАР е огромен гигант како компанија и веќе доставува повеќе од 20 милијарди нормални кубни метри гас во шест земји во Европа до овој момент и таа бројка се зголемува сега и со нас. Преку СОКАР, ЕСМ се снабдува во последниот квартал од оваа година со гас за затоплување и производство на електрична енергија – рече Мицкоски во одговор на прашање по завршувањето на бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“ што денеска се одржа во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија-Турција – МАТТО.

Тоа, како што кажа, за бизнисот за гас е во суштина  е прв квартал, а следната година нашиот прв квартал во бизнисот за гас ќе биде втор квартал.

-Очекувам дека со овој меморандум ќе добиеме уште пониска цена, такви се очекувањата и она кое што јас сум го разговарал со државниот врв во Азербејџан. Со ова навистина покажуваме дека подготвени ќе ја пречекаме зимата и дека нема да имаме проблем во снабдувањето со енергенси – порача Мицкоски.