АД МЕПСО вечерва излезе со реакција по информацијата дека поради испад на далновод на МЕПСО без напојување со струја останал Блок 1 во РЕК Битола.
Од АД МЕПСО информираат дека далекуводот кој го напојува Блок 1 во РЕК Битола е цело време под напон и нема никаков проблем со напојувањето.
– По последниот испад кој без напојување го остави Блок 1 во РЕК Битола, а за кој прстот на одговорност овој Комбинат веднаш и неосновано го впери кон АД МЕПСО, нашата компанијат одлучи да излезе со соопштение со прецизен и објективен приказ на настаната ситуација. Денеска, дождот и ветерот во Битола предизвикаа краток испад на 110 кв далекувод ТС Битола 2 – ТС Битола 4, но посочуваме дека овој испад не е причина за прекин во нормалното напојување на Блок 1 во РЕК Битола. Далекуводот кој со електрична енергија го напојува овој блок, за цело време е под напон и на него нема никаков проблем со напојувањето – нагласуваат од АД МЕПСО.
Оттаму велат дека ваквиот чекор да се префрли одговорноста за испадот во РЕК Битола врз АД МЕПСО во најмала рака го сметаат како неоправдан и тенденциозен, но пред се како обид за прикривање на интерните проблеми.
Претходно, од АД ЕСМ беше испратена информација до медиумите дека комбинатот РЕК Битола работи само со еден блок -Блокот 3, откако поради испад на далновод на МЕПСО, без напојување со струја останал Блокот 1.
– Попладнево, околу 16:45 часот заради испад на далновод на МЕПСО, без напојување со струја остана Блок 1 на РЕК Битола, по што постојката испадна од мрежа. Комбинатот продолжува да работи со еден блок, Блок 3, до повторно ставање во функција на Блок 1 – наведоат од ЕСМ.