Фото: Игор Бансколиев

Упатените велат дека ова претставува можност од трилион долари, со огромен потенцијал за иновации, создавање работни места и економски раст. Станува збор за концепт што повеќе се однесува на управување со ресурси – на кој начин поефикасно да управуваме со сопствените ресурси и како да ја задржиме нивната вредност. Притоа придобивките за економијата ќе бидат во вид на зголемување на конкурентноста на домашните компании на европскиот и на светскиот пазар, отворање нови работни места, поконкурентни бизниси и повисок БДП

ГЛОБАЛНИОТ ПОВИК ЗА НОВ ЕКОНОМСКИ МОДЕЛ СТАНУВА СЀ ПОГЛАСЕН

Циркуларната економија се појави како одговор на неодржливиот линеарен модел (земи – направи – фрли) и вклучува повторна употреба, поправка, повторно производство и рециклирање, со цел да се создадат нов систем и долготрајни производи. Во услови на нагло зголемување на нестабилноста на глобалната економија и зголемување на знаците на исцрпување на ресурсите, повикот за нов економски модел станува сѐ погласен.
Циркуларната економија во голема мера е сврзана со производство, консумација, начинот на дизајнирање на работите, како да се држат, како повторно да се искористат, да се поправат и на крајот да преминат кон рециклирање. Упатените велат дека ова не е конкретно управување со отпад, туку ова е концепт што повеќе се однесува на управување со ресурси – на кој начин да управуваме со сопствените ресурси и како да ја задржиме нивната вредност.
Фокусирање на секторите што користат најмногу ресурси и каде што е голем потенцијалот за циркуларност се електроника и ИКТ, батерии и возила, амбалажи, пластика, текстил, градежништво и згради, храна, вода и хранливи материи, а придобивките се на микро и макроекономско ниво – отворање нови работни места, поконкурентни бизниси и повисок БДП.
Според Атанас Кочов, професор на Машинскиот факултет во Скопје, концептот на кружна економија подразбира повеќекратно користење една иста суровина за да добиеме повторно нов производ.

– Овој концепт е применлив секаде во секој сектор, но треба да се промени начинот на размислување преку правилно искористување на ресурсите. Пример за циркуларна економија постои кај винарниците, каде што по преработката на грозјето дршките може да се искористат за производство на брикети, а од семките може да се извади одреден ку-10 ензим или друг дериват што потоа може да се користи за производство на нови производи. Како тренд, циркуларната економија постои во прехранбената индустрија, во текстилната индустрија, во дрвната индустрија. Во делот на енергетиката може да зборуваме за овој концепт само ако се користат обновливи извори на енергија, но не и јаглен – објаснува Кочов.
За процесот на транзиција на економијата во циркуларна економија, Кочов оценува дека тоа е долготраен процес и не се важни само финансиите туку е потребна промена на менталниот склоп, а тоа е во суштина вложување во менување на начинот на размислување и сфаќање на работите.
Како што вели Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, за разлика од линеарната економија каде што производителите на производи своите ресурси ги обезбедуваат од природата, а искористените производи се фрлаат на депониите, кај циркуларната економија најголемиот дел од искористените производи се рециклираат и повторно се употребуваат во производството на нови производи. Тој додава дека ваквиот начин на производство најмногу влијае на заштита на животната средина, но и зачувување на некои природни ресурси, кои ги има во сѐ помало количество.

– Со самото тоа што циркуларната економија претставува приоритет во контекст на новата стратегија на Европската Унија за Европскиот зелен договор, како нова агенда на Европа за одржлив развој, очигледно е дека таа мора да стане и приоритет во нашата земја. Замената на линеарната економија со циркуларна не се постигнува само со разни работилници и проекти на кои се укажува за значењето на циркуларната економија, туку со сеопфатна акција на сите чинители, од Владата, Министерствата, бизнис-здруженијата и граѓаните на Македонија – појаснува Димитров.
Тој вели дека придобивките за економијата ќе бидат во вид на зголемување на конкурентноста на домашните компании на европскиот и светскиот пазар, каде што сѐ повеќе предност им се дава на производи што се направени од рециклирани материјали, отворање нови работни места во индустријата за преработка на отпадот и заштеда во фамилијарниот буџет.
Економскиот аналитичар Здравко Савески смета дека линеарната економија е расипничка економија, која се расфрла со ресурсите за производство и создава огромни количества ѓубре.
– Циркуларната економија е стремеж да се надминат ова расипништво и еколошката неодговорност на линеарната економија. Ако навистина се примени, циркуларната економија носи три важни придобивки: поголема ефикасност и економичност, помала штета врз природата и преориентација на луѓето од консумеристички кон поисполнет начин на живот, без нарушување на нивото на благосостојба. Циркуларната економија бара радикална промена на начинот на производство и потрошувачка, ставајќи го акцентот на трајните добра наместо на планираното застарување – истакнува Савески.
Од фондацијата Претприемачки сервис за млади во Македонија, која ја има публикувано „Водич за циркуларна економија – поддршка на транзицијата од линеарна во циркуларна економија“, велат дека циркуларната економија го трансформира богатството од моменталните средства за потрошувачка во нов иновативен долготраен систем.
Оттаму додаваат дека компаниите собираат и екстрахираат материјали, ги користат за производство на производи и им ги продаваат истите тие на потрошувачите, кои потоа ги фрлаат кога тие повеќе не служат за својата намена. А сегашниот систем повеќе не функционира за бизнисите, луѓето, ниту природата.

– Транзицијата кон циркуларна економија бара радикална промена во начинот на производство и потрошувачка. Во циркуларната економија производите се дизајнирани да бидат издржливи, да можат да се подобруваат, за поправка и повеќекратна употреба, со цел повторна употреба на материјалите од кои се направени откако ќе го достигнат крајот на нивниот век – посочуваат од фондацијата.
Оттаму објаснуваат дека циркуларната економија носи придобивки што се оперативни и стратегиски, на микро и на макроекономско ниво.
– Ова претставува можност од трилион долари, со огромен потенцијал за иновации, создавање работни места и економски раст. Потрагата за подобрување на перформансите на ресурсите во целата економија ги натера бизнисите да истражат начини за повторна употреба на производите и нивните компоненти и да вратат во употреба поголем дел од материјалите, енергијата и трудот – воочуваат од фондацијата.