Веќе е сигурно дека Европската централна банка ќе задржи висока референтна каматна стапка бидејќи смета дека тоа е инструментот што ќе обезбеди враќање на инфлацијата до два отсто. Како што е познато, и гувернерката на НБМ како главна цел во 2024 година го определи враќањето на инфлацијата на два отсто на годишно ниво
Централните банки продолжуваат со рестриктивната монетарна политика
Подигнувањето на референтната каматна стапка продолжува да биде главното „средство“ на централните банки во Европа, со што сметаат дека ќе го смират ценовниот притисок на производите и на високата инфлација, кој продолжи и во новата 2023 година.
Прво ФЕД, па потоа и ЕЦБ повторно ја зголеми референтната каматна стапка
Откако Федералните резерви на САД го направија тој исчекор, и Европската централна банка (ЕЦБ) минатата недела повторно ја зголеми референтната каматна стапка за 0,5 отсто, со цел да ја потисне високата инфлација. Оваа мерка е преземена по објавувањето на податоците за забавување на европската економија, која се спаси да влезе во зоната на рецесија, само благодарение на топлата зима и намалената побарувачка за енергенти во Европа! Претходно Федералните резерви на САД ја зголемија стапката за 0,25 отсто, а британската централна банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,5 отсто, Банката од Франкфурт, која во декември и ја зголеми референтната каматна стапка за 0,5 отсто, најави дека ќе продолжи со ваквите потези, соопшти Кристин Лагард, претседателката на ЕЦБ. Вообичаено, Народната банка на Македонија ги следи монетарните политики на Европската централна банка, па не е исклучено да се продолжи со затегнувањето на монетарната политика и на национално ниво. Веќе е сигурно дека Европската централна банка ќе ја задржи референтната каматна стапка на нивоа што тие сметаат дека можат да обезбедат навремено враќање на инфлацијата до два отсто, што е среднорочна цел.
Македонија ја заврши 2022 година со инфлација од 14 отсто на годишно ниво
Како што е познато, и гувернерката на НБМ како главна цел во 2024 година го определи враќањето на Македонија на годишното ниво на инфлација на два отсто. Да потсетиме дека минатата година нашата земја ја заврши со 14 отсто инфлација на годишно ниво. Од почетокот на минатогодишната криза, македонската економија се покажа како неотпорна на надворешните влијанија што доаѓаат од Европската Унија, која е и наш најголем трговски партнер. Економската активност во ЕУ значително забави од средината на минатата година и се очекува да остане слаба бидејќи побарувачката се намалува низ светот, а војната во Украина создава уште поголема економска несигурност. Економијата на еврозоната стагнира, со раст од само 0,1 отсто во последните три месеци од 2022 година, што е сосема извесно дека тоа ќе се одрази и на растот на македонската економија.
Советот на Народната банка го усвои кварталниот извештај, кој се однесува на последниот квартал од 2022 година, во кој се најавува „приспособување на монетарната политика, која започна уште од крајот на минатата година“. Имено, основната каматна стапка беше дополнително зголемена во три наврати, за вкупно 1,75 п.п., достигнувајќи го нивото од 4,75 отсто на крајот на минатата година.
– Затегнувањето на монетарната политика има цел да ги стабилизира инфлациските очекувања и да ги намали ценовните притисоци, предизвикани од надворешни шокови, кои се присутни подолг период – посочуваат од Советот на Народната банка.
Ваквата монетарна политика придонесе за зголемување на каматните стапки кај комерцијалните банки во земјата, за кредитите за граѓаните и за компаниите, како и на растот на каматите и на депозитите. Парите станаа поскапи, а можноста за поволни кредитни линии, инвестиции и развој паднаа на минимум. Со претходните нагорни корекции, кои ги презеде Народна банка, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во декември 2022 година изнесувала 4,83 проценти, додека во декември 2021 г. просекот бил 3,61 проценти. Кај компаниите за една година каматните стапки на новоодобрените кредити се зголемиле од 3,22 проценти на 5,02 проценти. Кај домаќинствата растот е од 4,34 на 4,38 проценти.
Според оцените на Советот на НБМ, банките и натаму обезбедуваат кредитна поддршка за домашната економија, но поумерено. Неизвесноста и ризиците за светската и за домашната економија на краток и на среден рок и понатаму се нагласени, особено на пазарите на енергија и прехранбени производи. М.Ј.