Рекорден пораст на побарувачката за злато се забележува низ целиот свет, при што централните банки низ светот ги засилуваат своите купувања, додека во декември лани учеството на монетарното злато во вкупните девизни резерви на Македонија било на ниво од 9,7 отсто

Поради високата инфлација, светската побарувачка за злато достигнува највисоко ниво

Глобалната потрошувачка за злато во 2022 година достигна највисоко ниво во последните десет години и изнесува 4.741 тон, што се должи на рекордните купувања на злато од страна на централните банки и силните малопродажни инвестиции во текот на последното тримесечје. Според извештајот за трендовите на побарувачката на злато на Светскиот совет за злато, побарувачката на злато е зголемена за 18 отсто. Рекорден пораст на побарувачката за злато се забележува низ целиот свет, при што централните банки низ светот ги засилиле своите купувања, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на податоци од Светскиот совет за злато. Аналитичарите веруваат дека купувањето злато достигна највисоко ниво во последните 55 години.

Обезбедување поддршка при спроведувањето на монетарната политика и режимот на девизниот курс

Секоја земја преку своите централни банки води сопствена политика за начинот на управување со девизните резерви и трговијата со монетарното злато, а нејзините цели се однесуваат на обезбедување поддршка при спроведувањето на монетарната политика и режимот на девизен курс, обезбедување на домашната економија од надворешни шокови, редовно плаќање на надворешниот јавен долг и одржување на кредибилитетот на домашната економија во меѓународни рамки. Од земјите во опкружувањето беше објавена информацијата дека Хрватската народна банка во декември 2022 година купила речиси два тона злато, кое веднаш го проследила до Европската централна банка бидејќи од 1 јануари, по влезот во еврозоната, ХЦБ учествува и во управувањето со дел од меѓународните резерви на ЕЦБ, како и сите други централни банки на земјите-членки на еврозоната.
Статутот на Европскиот систем на централни банки и Европската централна банка предвидуваат дека националната централна банка на земјите-членки, при приклучувањето кон евросистемот, префрла дел од своите меѓународни, односно девизни резерви на Европската централна банка.

Каква е состојбата со девизните резерви на Македонија

Според Народната банка на Македонија, на крајот на декември 2022 година, девизните резерви на нашата држава изнесувале 3.862,9 милиони евра и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 38,6 милиони евра. Најголем дел од девизните резерви е пласиран во хартии од вредност (66,4 отсто), по што следуваат валутите и депозитите (23,8 отсто) и монетарното злато (9,7 отсто). Во декември делот на „златните резерви“ е во вредност од 374,70 милиони евра. Според графиконот на НБМ за прегледот на девизните резерви по месеци во минатата година, вредноста на монетарното злато е на исто ниво. Доколку се спореди во однос на двете години претходно, процентуалното учество на монетарното злато во вкупниот износ на девизните резерви на Македонија се намалува. Односно на крајот на јуни 2022 година, официјалните девизни резерви на нашата држава изнесувале 3.116,1 милиони евра. Најголем дел од девизните резерви е пласиран во хартии од вредност (73,3 отсто) по што следуваат валутите и депозитите (14,5 отсто) и монетарното злато (12,3 отсто). Според претходно објавените податоци од Народната банка, на крајот на септември 2020 година, официјалните девизни резерви на Македонија изнесуваат 3.480,2 милиона евра. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (76,3 отсто), по што следуваат валутите и депозитите (13,5 отсто) и монетарното злато (10,2 отсто).

По Србија, Македонија има најголеми резерви на злато на Балканот

Податоците на Светскиот совет за злато, која има најточната база на информации за резервите по држави, за вториот квартал од 2022 година покажуваат дека по Србија, Македонија имала најголеми резерви на злато на Балканот, односно поседува 6,9 тона. Србија има најголеми резерви на злато меѓу земјите од регионот и нејзините златни резерви достигнуваат 38,1 тона златни прачки. Потоа следуваат Словенија со 3,2 тона, Босна и Херцеговина со три тона злато и Црна Гора со 1,09 тон, додека Хрватска нема резерви во злато, бидејќи има продадено повеќе во 2001 година, е наведено во податоците на Светскиот совет за злато.
Според процените на „Фајненшл тајмс“, побарувачката на злато во 2022 година се зголемила за 18 отсто, односно на 4.741 тон, што е највисоко ниво од 2011 година. Годишното купување злато од централните банки изнесуваше 1.136 тона, што е двојно повеќе од 2021 година. Во последниот квартал од 2022 година, централните банки купиле 417 тона злато, што е речиси 12 пати повеќе од истиот период во 2021 година. Помеѓу пријавените набавки на злато од страна на централните банки, во 2022 година водеше Турција, земајќи речиси 400 тона, потоа Кина, која пријавила дека купила 62 тона во ноември и декември, и земјите од Блискиот Исток. Побарувачката за златни прачки и монети порасна поради растот на инфлацијата. Продажбата на накит падна за три отсто на 2.086 тона минатата година поради растот на цената на златото во четвртиот квартал. Побарувачката за злато што се користи во технологијата падна за седум отсто во 2022 година, бидејќи влошувањето на глобалните економски услови ја попречи побарувачката за потрошувачка електроника. Вкупната годишна понуда на злато се зголеми за два отсто на годишно ниво на 4.755 тона во 2022 година, додека производството се искачи на највисокото ниво во последните четири години од 3.612 тона. М.Ј.