Постојано следење, ублажување на регулативите и продолжување на увозот на житарици – ова се дел од мерките со кои ЕУ се обидува да го спречи недостигот на храна во екот на глобалната криза со највисоките цени на храната во историјата – пишува ЕНР (European Newsroom), проект на 16 европски новински агенции, меѓу кои и МИА.
Иако ЕУ се обидува да се спротивстави на ова, многу земји во Европа се борат со значителни зголемувања на цените.
Одговорот на ЕУ на глобалната криза со храна е да ги следи нивоата на складирање на култури во земјите-членки, да ги релаксира еколошките регулативи за да го поттикне производството на храна и да најде алтернативни патишта за извоз на украинските житарици.
Поради невидената суша, сепак, расте стравот дека приносите во Европа ќе бидат намалени.
Ова дополнително ќе ги зголеми цените на храната, кои веќе значително се зголемија, делумно поради војната во Украина.
Иако по договорот меѓу Русија и Украина, извозот на житарици од украинските пристаништа на Црното Море е рестартиран, сепак владее загриженост.
Според податоците на ЕУ, има многу мали шанси во блиска иднина да се достигне нивото од пред војната од пет милиони тони житарици што се извезуваше секој месец од украинските пристаништа.
Првиот брод што го напушти пристаништето во Одеса во согласност со договорот превезол само 26 илјади тони пченка.
Изнаоѓањето алтернативни патишта за извоз е сè уште клучно, рече претставникот на Европската комисија.
Соочена со можен недостиг на храна, Европската Комисија сега ги ублажува еколошките прописи, кои претходно беа наметнати на земјоделските производи, за да се овозможи поголемо производство на храна.
Реформата на земјоделската политика на ЕУ, која треба да стапи во сила во 2023 година, резултираше со построги еколошки стандарди во земјоделството. Ова вклучува обврска за земјоделците да ја заштитат почвата со тоа што нема одгледуваат исти култури неколку години по ред.
Сепак, се зголемуваат барањата за олабавување на тие еколошки стандарди за да се овозможи производство на повеќе житарици бидејќи помалку може да се испорача од пристаништата во Украина разурнати од војна.
Секој тон житарици произведен во ЕУ ќе помогне да се зголеми глобалната безбедност на снабдување со храна, соопшти Комисијата.
Германија и Австрија ги користат поблагите мерки
Австрија се согласи со предлогот на Европската комисија за продолжување на употребата на угар ( Нива изорана и оставена несеана за да прележи така една година) за земјоделско производство до крајот на 2023 година.
Во исто време, германскиот министер за земјоделство, Џем Оздемир, предложи да им се дозволи на земјоделците да користат поголем дел од нивната земја за одгледување житарици, со оглед на недостигот на светскиот пазар. Берлин ќе ги суспендира новите регулативи на ЕУ за ротација на посеви на една година.
Додека пратениците и земјоделските здруженија го поздравија предлогот, еколошката активистичка група Гринпис остро го критикуваше министерот поради потклекнување пред притисокот од земјоделското лоби.
Франција: катастрофа за земјоделците, екосистемите и биолошката разновидност
Соочена со „историска“ суша, влошена од третиот екстремен топлотен бран, француската влада на 5 август активираше работна група за помош при кризни ситуации.
„Оваа суша е најлошата забележана во нашата земја“, соопштија од кабинетот на премиерката Елизабет Борн.
Сушните услови се „катастрофа“ за земјоделците во земјата, како и за „нашите екосистеми и биодиверзитет“, додаде таа.
Ограничувања на потрошувачката на вода веќе се воведени во речиси сите 96 департмани во Франција во Европа, а највисоко ниво на предупредување е во сила во 73.
Сепак, владата не одговори на критиките за исклучоците дадени на терените за голф. Дозволено е наводнување на терените за голф, дури и во департманите кои сега се алармирани за суша.
Неколку европски земји, исто така, издадоа сериозни предупредувања за суша, а ЕУ ги повикува членките повторно да почнат да користат пречистени урбани отпадни води на фармите на кои им недостасува.
Инфлацијата во Шпанија продолжува да расте
Во Шпанија потрошувачите се тешко погодени од поскапувањето на храната.
Тие беа поттикнати прво од пандемијата, потоа од зголемувањето на цените на струјата и горивото – што доведе до протести и штрајкови во земјоделскиот сектор – и на крајот од војната во Украина.
Шпанското здружение на потрошувачи и корисници (ОКУ) уште во јули предупреди на пораст на цената на потрошувачката кошничка од 15,2 отсто на годишно ниво.
Тоа е нагло зголемување што особено ги погодува домаќинствата со пониски приходи.
Во јуни е забележана рекордна цена од 13 евра за диња.
Според Националниот институт за статистика (INE), индексот на потрошувачките цени (CPI) се зголеми за 1,9 отсто во јуни, а годишната стапка на инфлација се зголеми за 1,5 процентни поени на 10,2 отсто, што е највисоко ниво од април 1985 година.
Шпанскиот министер за земјоделство, рибарство и храна Луис Планас сака светските пазари на храна да бидат потранспарентни за да се постигне стабилизација на цените, наведувајќи ја како пример неодамнешната одлука на земјите од ЕУ да ја информираат Комисијата за нивните месечни податоци за капацитетите за складирање на житарици, ориз и маслодајни семиња.
Хрватска: Речиси нема намалување на цените во продавниците и покрај намалувањето на ДДВ
Следејќи го трендот во другите земји на ЕУ, Хрватска го намали ДДВ за енергетските производи и санитарните и прехранбените производи во обид да го ублажи ефектот од сегашните високи цени.
Од 1 април стапката на ДДВ е намалена од 25 отсто, односно 13 отсто, на 5 отсто.
Хрватското здружение за заштита на потрошувачите (ХУЗП) неколку пати го повика Државниот инспекторат да спроведе контрола на цените на храната бидејќи, спротивно на очекувањата, цените не се намалени.
Меѓутоа, како и во другите земји-членки на ЕУ, во земјата се фрла огромно количество храна.
Хрватите годишно фрлаат околу 71 килограм храна по жител, што е вкупно повеќе од 280.000 тони, од кои 76 отсто отпаѓаат на домаќинствата, додека просекот во ЕУ е 53 отсто, рече Бранка Илаковац, претседател на Центарот за спречување на отпадот од храна ( CEPOH)..
Превенцијата и едукацијата на граѓаните во Хрватска не се препознаваат како клучни фактори во борбата против фрлањето храна, додаде таа.
Според проценките, граѓаните на земјите од ЕУ годишно фрлаат 88 милиони тони храна во вредност од 143 милијарди евра, рече Илаковац.
Таа додава дека Хрватска како членка на ЕУ си поставила цел до 2030 година да го намали отпадот од храна за 50 отсто.
Цените на храната во БиХ се зголемија за повеќе од 23 отсто
Во Босна и Херцеговина е забележана инфлација од 15,8 отсто, а цените на храната и безалкохолните пијалоци се зголемени за 23,4 отсто. Земјата главно се потпира на увоз на храна и нема доволно резерви за значителна интервенција на пазарот.
Трговците, од друга страна, често ја користат својата монополска позиција за одржување на вештачки високи цени.
Поради големиот број туристи и фактот што дијаспората се враќа во татковината во текот на летните месеци, моменталната побарувачка на производи е доста голема.
Економските аналитичари очекуваат дека почетокот на есента ќе донесе пад на побарувачката и дека тоа ќе ги принуди трговците да ги намалат цените на многу прехранбени производи.
И покрај зголемувањето на цените на многу основни прехранбени производи во Босна и Херцеговина, цените се уште се пониски отколку во соседните земји.
Стапката на инфлација во Македонија достигна 16 проценти
Според Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), моменталната инфлација значително ја намалува куповната моќ. Куповната моќ на минималната месечна плата падна од 290 на 244 евра, додека куповната моќ на просечната плата сега е 428 евра наместо 510.
Македонија е зависна од увозот на одредени основни прехранбени производи како пченица, масло за јадење, месо и млеко. Според пресметките на ССМ, минималните трошоци за едно семејство во јули изнесувале околу 760 евра.
Семејство во кое едниот член зема просечна плата, а другиот минимална плата нема доволно приходи.
Романија нема да го ограничи извозот на пченица
До 3 август Романија изжнеја повеќе од 94 отсто од својата пченица. Министерот за земјоделство Петре Даеа уверува дека овогодинешното производство ќе ги покрие потребите на земјата и ќе остави простор за извоз.
Иако Романија вели дека нема да го ограничи извозот на пченица, Даеа нагласи дека прво ќе биде задоволен домашниот пазар, додека само остатокот ќе се извезува.
На 10 август од сушата беа зафатени 284.376 хектари земјиште. Вкупно, пченица и ‘рж се засадени на 154.500 хектари земјиште во Романија, додека јачменот, овесот и ‘ржта зафаќаат 22.598 хектари, семето од репка 25.000 хектари, а пченката 49.910 хектари.
Соја е посејана на 3.141 хектари земјиште, грашок на 702 хектари, сончоглед на 20.054 хектари, фуражни растенија на 3.952 хектари, додека на другите култури отпаѓаат 4.427 хектари земјиште.
Но, земјата не беше поштедена од поскапувањето на храната. Најмногу поскапе маслото за јадење од јули 2021 година – за 49,71 отсто. Компирите поскапеле за 42,18 отсто, а брашното за 33,16 отсто.
Букурешт презеде неколку мерки за заштита на оние кои беа погодени од покачувањето на цените. Воведени се ваучери за оброци и други форми на државна помош.