Фото: Игор Бансколиев

Многу земји од Европа се силно погодени од инфлаторниот удар и од порастот на цените, при што веќе се повикува на колективно штедење, но и носење „стабилизациска“ програма со замрзнување на цените на одредени клучни артикли. И Македонија, која има најголема трговска и економска соработка со земјите од Унијата, е под силно влијание на движењата и случувањата на европскиот пазар

Ценовните движења во Европската Унија со повратно дејство и врз македонската економија

Граѓаните од земјите од Европската Унија се соочуваат со намален животен стандард поради инфлаторниот удар, предизвикан од прескапата струја и гасот, која беше вкалкулирана во малопродажните цени на основните животни производи. Многу од жителите на ЕУ се принудени да штедат за да можат да ги покријат високите месечни трошоци за егзистенција. Притиснати од инфлаторното цунами, владите на западноевропските земји, кои се најпогодени од енергетската криза, повикаа на колективно штедење. Во оваа „стабилизациска“ програма се вклучуваат и приватните трговски компании, кои презедоа низа отстапувања при формирањето на цените, за да можат да им помогнат на граѓаните во претстојниот период. Од францускиот малопродажен синџир „Карфур“ најавија дека ќе ги замрзнат цените на сто свои производи за да им помогнат на Французите во услови на висока инфлација. Потегот на „Карфур“ доаѓа откако други водечки француски компании по притисокот од владата на претседателот Емануел Макрон, исто така, презедоа чекори за да им помогнат на потрошувачите во земјата да се справат со рекордните поскапувања. Најголемиот синџир продавници за храна во Европа планира замрзнувањето на цените да трае до 30 ноември.

Германија изложена на рецесија!

Економиите на земјите од ЕУ се соочуваат со многу предизвици откако Европската централна банка објави дека инфлацијата достигна 9,8 отсто во јули и ја сигнализира можноста за уште едно големо зголемување на каматните стапки. Изабел Шнабел, членка на одборот за одредување стапки на Европската централна банка, рече дека изгледите за инфлација во Европа не се подобриле по изненадувачкото зголемување на каматната стапка за половина процентен поен минатиот месец. Официјалните бројки потврдија дека годишниот раст на цените достигна рекордни 8,9 отсто во еврозоната, но беше уште повисок кога во пресметката се вклучија и земјите од ЕУ надвор од зоната на единствената валута. Инфлацијата во Обединетото Кралство е над 10 отсто за првпат во четири децении.
Инфлацијата е поттикната од војната во Украина, која ги зголеми цените на енергијата и сè уште расте во Британија и во Европа. Исклучок е САД, која е енергетски независна од испораките на рускиот гас и нафта, па оваа земја забележа пад на инфлацијата. Официјални бројки на Еуростат покажаа дека инфлацијата во областа на единствената валута минатиот месец во голема мера е предизвикана од цените на енергијата, што претставува нешто повеќе од четири процентни поени, а храната, алкохолот и тутунот се одговорни за два процентни поени. Низ ЕУ, тој се движеше од 6,8 отсто во Франција и 8,5 отсто во Германија, до 10,7 отсто во Шпанија, 14,2 отсто во Полска и повеќе од 20 отсто во Литванија, Летонија и Естонија.
Македонија, која има најголема трговска и економска соработка со земјите од Унијата, е под силно влијание на движењата и случувањата на европскиот пазар. Ова посебно важи за Германија, која е меѓу нашите најголеми трговски партнери, а моментално е најизложена на енергетската криза и на големата суша. Забавувањето на германската економија и влегувањето во зоната на рецесија е поизвесно. Германскиот канцелар Олаф Шолц призна дека зголемените трошоци за енергија се „голем товар за многу граѓани“, па по тој повод најави привремено намалување на ДДВ за природниот гас, од 19 на 7 отсто, до март 2024 година.

Скапата струја најголем инфлаторен притисок

Во Македонија годишната стапка на инфлација изнесуваше 16 отсто во јули, што е забрзување во споредба со инфлацијата од 14,5 отсто забележана во јуни, според податоци од Државниот завод за статистика. Инфлаторниот притисок сѐ уште е силен поради вчерашното поскапување на нафтените деривати. Згора на ова, цената на гасот во Европа надмина 3.000 долари за илјада кубни метри, по веста дека „Северен тек“ од 31 август ќе престане да работи на три дена поради ремонт.
Во овој момент голем проблем за македонската економија е и високата цена на струјата. Владата мора да најде избалансирани решенија што ќе му овозможат на бизнис-секторот да преживее. Ако не се случи тоа, многу фирми ќе се затворат и ќе се изгубат голем број работни места. Доколку луѓето останат без плата, нема да можат да ги платат сметките, колку и да се тие субвенционирани од Владата, порачаа вчера од Стопанска комора на Македонија, од каде што побараа итна реакција и да се прифатат барањата на стопанствениците за надминување на претстојните ризици за економијата и граѓаните.
– Пред мене имам конкретни податоци за сметката за струја на една компанија членка на комората. Иако во јули годинава компанијата потрошила помалку струја од јули минатата година, сметката за струја годинава ѝ е речиси шест пати поголема во однос на јули минатата година. Лани за јули платила околу еден милион денари, а годинава за јули вкупно шест милиони денари. Кој бизнис-сектор ќе го издржи ова и до кога – рече потпретседателот на комората, Зоран Јовановски.
Цената на струјата е најважното економско прашање и во моментов прашање за опстанок на македонскиот бизнис-сектор. Цената на струјата во сите други земји од регионот е пониска од нашата, поради што нашите компании се ценовно неконкурентни, посочи потпретседателот на комората.
Од Централната банка на Македонија деновиве изјавија дека се целосно посветени на зачувување на монетарната и економската стабилност и за обезбедување ценовна стабилност во земјата. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вели дека Народната банка започна со нормализирањето на монетарната политика како одговор на растечката инфлација и подигнувањето на инфлациските очекувања. Сепак, покачувањето на основната камата е умерено и постепено, па затоа не се очекуваат силни и нагли промени во каматната политика на банките.
Сепак, ова не се вообичаени услови, во кои централните банки реагираат на прекумерната побарувачка што ја подгрева инфлацијата. Станува збор за појава на инфлација што во најголем дел ја движат фактори на страна на понудата и кои, во комбинација со постпандемичното закрепнување на побарувачката, придонесуваат за значително забрзување на инфлацијата во глобални рамки. Овој ценовен шок трае подолго и е релативно силен, па оттаму се пренесува и на другите цени и на инфлациските очекувања, што упатува на потреба од водење претпазливи домашни политики. Од друга страна, моментално изгледите за раст се неизвесни и неповолни. Затоа и промените во каматната стапка се постепени, а циклусот на затегнување е поумерен и проследен и со други комплементарни мерки што треба да ги стабилизираат очекувањата и довербата, да дејствуваат на цените и на склоноста за располагање со домашна валута, истакнува гувернерката. М.Ј.