Фото: Пиксабеј

Какаото на Њујоршката берза поскапе за повеќе од 700 долари по тон за еден ден, а неговата цена надмина 9.000 долари за тон, така што стана поскапо од бакарот.

Како што пренесува „Блумберг“, фјучерсите на какаото во Њујорк дополнително се зголемија по веста за финансиски проблеми во Гана, вториот најголем светски производител на споменатата суровина.

Какаото само овој месец поскапе за околу 60 отсто, а цените годинава се зголемени повеќе од двојно поради лошите временски услови и појавата на болести на посевите.

Трговците се загрижени за последиците од климатскиот феномен Ел Нињо, кој предизвика суша во Западна Африка, во области каде се произведуваат 75 отсто од суровините клучни за производство на чоколадо.

Какаото се произведува првенствено во Гана и Брегот на Слоновата Коска.

Велигденските чоколадни јајца веќе поскапеа поради големите трошоци за какао, а некои производители ја намалуваат количината на слатки или промовираат слатки со други состојки за да го ублажат поскапувањето, пренесува Јаху фајненс.