Фото: ЕПА

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го назначи Олег Ивашченко, поранешен заменик-шеф на Одбранбената разузнавачка служба (ГУР) за шеф на Службата за надворешно разузнавање на Украина – oбјави агенцијата „Танјуг“, повикувајќи се на украинските медиуми.

Зеленски претходно во текот на денот го разреши Алексеј Данилов од функцијата секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина и на таа позиција го назначи сега веќе поранешниот шеф на Службата за надворешно разузнавање Александар Литвиненко, пренесе „Украинска Правда“.

Како што пренесува „Анадолија“, указот за разрешување на Данилов го објави Украинското претседателство, кое подоцна го објави указот за назначување на Литвиненко на негова замена.

– Не е објавена причина за разрешувањето на Данилов, кој ја презеде функцијата уште во октомври 2019 година, но тоа се случува во третата година од руската војна против Украина, а украинските сили не постигнуваат добри резултати во борбата против Русија – пишува „Анадолија“.

Во септември минатата година Зеленски ги разреши министерот за одбрана и шестмина заменици министри за одбрана, веројатно поради неуспешни акции во борбата против руските сили.