Фото: Влада

Планот е од ноември да почне исплатата на финансиската поддршка за ранливите категории граѓани и за пензионерите, истакна вечерва премиерот Димитар Ковачевски, зборувајќи за помошта што ја определи Владата за справување со енергетската криза во државата.

Тој, во интервјуто на ТВ 24 појасни дека исплатата на неколкумесечната финансиска поддршка за најранливите категории на граѓани, односно 41.878 лица коишто ќе добијат вкупна поддршка од 12.000 денари, односно четири месеци по 3.000 денари и поддршката за пензионерите кои земаат пензија во висина од 11.525 денари до 14.000 денари, ќе оди со измени во законската регулатива.

– Денеска на Влада донесовме одлука да се подготви закон за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани во време на криза. Намерата е од ноември да почнат исплатите на финансиските средства за овие категории на граѓани, 41.878 од ранливите категории и на 130.000 од категоријата на пензионерите. Се опфаќа поширок спектар на граѓани. Од ноември е планот да почне. Јас се надевам дека политичките партии и сите пратеници во Собранието ќе бидат на висина на својата задача и веднаш, штом ќе биде во текот на оваа недела доставено законското решение, дека ќе влезе во собраниска процедура и ќе биде одобрено – нагласи Ковачевски.

Ковачевски најави и дека ќе се обезбеди продолжување на субвенционирањето на електрична енергија за 610.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи со средства од Буџетот.

– Вкупната сума која ќе биде исплатена од Буџетот надминува 220 милиони евра само за субвенција на струјата која ја плаќаат граѓаните. Доколку не е таа субвенција, која ја дава државата преку ЕСМ за да може да произведе струја која е поевтина и да ја продаде по пониска цена од пазарната на ЕВН, сметките на граѓаните би биле петпати поголеми – рече Ковачевски.

Премиерот нагласи и дека оваа година нема да има ребаланс на Буџетот, туку ќе се пристапи кон прераспределба на средствата.

– Секоја промена на Буџетот оди како ребаланс или како прераспределба, која исто така ја спрема Владата и се поднесува на одобрување во Собранието, таква една ќе имаме сега од над 100.000 милиони евра каде што се кратат одредени трошоци за коишто сметаме дека не се неопходни во услови на криза, да се пренаменат за справување со кризата, односно обезбедување на се што е потребно за непречено снабдување со електрична енергија, храна и исплата на антикризните мерки. Тоа значи дека приходите на Буџетот, задолжувањето кое што го направивме како и дефицитот којшто е проектиран обезбедуваат исплата и финансирање на сите овие издатоци коишто се предвидени – појасни Ковачевски.

Премиерот, осврнувајќи се на заемот обезбеден од ММФ, рече дека тој ќе биде повелекуван оваа година, идната и година по неа и оти каматата е помеѓу еден и два проценти, а потоа дека ќе оди сукцесивно враќањето, како што заздравува буџетското функционирање на државата.

– Бевме обвинувани од опозицијата и се потврди дека е без основа и од постигнатиот договор се гледа дека од добрите економски политики, стабилната и фискална и монетарна политика, ММФ го одобри овој инструмент. Тој ќе биде исплаќан оваа година, идната и наредната година и каматата е помеѓу еден и два проценти, а потоа сукцесивно оди враќањето, како што заздравува буџетското функционирање на државата. Овој инструмент се користи за поддршка на буџетот и девизните резерви – потенцираше Ковачевски.


Јавните претрпијатија, институциите и општините да преземат мерки за штедење струја

Треба да се направи анализа дали јавни претпријатија имаат потреба од сите вработени во моментов или дел од нив би можеле да бидат пратени на одмор со цел да се заштеди енергија, најави вечерва премиерот Димитар Ковачевски.

– Има јавни претпријатија во која има голем број на вработени. Тие треба да направат анализа дали имаат потреба од сите луѓе во секое време или дел од нив може да одат на одмор, со цел да се заштеди енергија, изјави премиерот Ковачевски во интервју за ТВ 24.

Тој потсети дека Владата донесе одлука и им наложи на јавните претпријатија и државните институции и агенции да ги намалат трошоците.

– Ќе се прави и ревизија на менаџерските договори на јавните претпријатија, бидејќи забележавме многу големи суми, особено кај претпријатија кои прават загуби, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека покрај јавните претпријатија и општините ќе мора да го прилагодат начинот на работа и да ги намалат трошоците заради справување со последиците од кризата.

– Ние бевме сведоци дека локална власта во Скопје меѓу себе се обвинуваше дека непотребно вработиле 100 луѓе на договор за дело. Сто луѓе, по трошок од 1.000 евра значи нето плата, плус придонеси, плус книговодствени услуги, одржување електрична енергија која што ја користат и други трошоци кои што ги прават, значи тоа се 1.000 евра на пример земено во просек, по 100 луѓе се 100 илјади евра. А 100 илјади евра не е висината на сметката за електрична енергија. Така што ќе мора и локалните јавни претпријатија и локални самоуправи да функционираат на начин кој што е согласен со најдобрите менаџмент пракси во услови на криза. Меѓутоа и да не е криза треба така да се однесуваме, рече Ковачевски.

Премиерот порача дека како дел од последниот пакет мерки на регулираниот пазар на електрична енергија ќе се префрлат и објектите на сите основни и средни училишта, но и дел од јавните претпријатија за водоснабдување, со цел нивната работа да не биде доведена во прашање во претстојните месеци.


Со крената глава, како Македонци седиме на маса во Брисел и преговараме за членство во ЕУ

Моите политики се нашите граѓани со крената глава, како Македонци, со чист македонски јазик и со заштитен идентитет, да седиме на големата маса во Брисел и да преговараме за полноправно членство во Европската Унија и во тоа успеавме, нагласи вечерва премиерот Димитар Ковачевски.

Претседателот на Владата, во интервјуто на ТВ24 потсети дека тој на првата Меѓувладина конференција со ЕУ говореше на македонски јазик, исто како што зборуваше во ОН.

– Сите законодавства на ЕУ се преведуваат на македонски јазик за да се одвива процесот на скринингот кој што веќе започна. Наши тимови, на македонски јазик преговараат со ЕУ, а сите ваши колеги беа сведоци кога бевме во Брисел, кога на сите преведувачки техники беше јасно означен македонскиот јазик. Ние таму бевме Македонци. По мене тоа е најголемиот патриотизам што треба едно лидерство во државата да го направи, истакна Ковачевски.

Во пресрет на големиот државен празник, 11 Октомври – Денот на народно ослободителната борба, Ковачевски рече како држава секогаш сме биле на вистинската страна на историјата.

– Ние сме држава која што била на вистинската страна на историјата и сега сме на вистинската страна на историјата, како што и секогаш сме биле. Низ таа Народно ослободителна борба ние сме ја изградиле нашата независна држава во која што живееме и денес и од тој пат никогаш немаме отстапено и нема да отстапиме – потенцираше Ковачевски.


Здруженија со имиња на соработници на фашистичкиот режим не ги подобруваат односите со соседите

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека јасно ги искажува ставовите по однос на здруженијата што се формираат и носат имиња на соработници на фашистичкиот режим. Во однос на најавеното отворање на здружението Цар Фердинанд оцени дека ваквите имиња на никој начин не придонесуваат кон подобрување на односите помеѓу соседните држави, но уште повеќе ги повредуваат чувствата на македонските граѓани, а особено на еврејската заедница.

Премиерот во интервју за Телевизија 24 изјави дека Централниот регистар ја разгледува документацијата и поради намерата на граѓани да формираат такви здруженија што ги нарушуваат чувствата и односите со соседна држава, е формирано тело во Владата, односно во Министерството за правда, што треба да оцени дали одредено име може да биде користено или не.

Ковачевски вели дека македонското законодавство е многу либерално во однос на формирање здруженија и од таа причина му сугерирал до министерот за правда, како основа да се земе германското законодавство.

– Германија е држава што е една од носечките држави во Европската Унија во економијата, владеењето на право и по организирање на внатрешен систем и мислам дека тоа е законодавство што треба да го земеме. Сакам да ги заштитам чувствата на граѓаните и исто така повикав при изработка на тој закон да учествуваат не само сите политички партии, туку и еврејската заедница да биде вклучена во собраниската комисијата во којашто ќе се разгледува законот, додаде Ковачевски.

Идејата за овие здруженија, вели дека е да се предизвика провокација кај граѓаните, како и финансиски интерес и нетрпение помеѓу двете држави. Додаде дека ова се случува во изминатите години во односите помеѓу двете држави и треба да се стави крај. Порача дека сите граѓаните не треба да бидат заложници на одредени граѓани што сакаат да ги нарушат односите, пред сè внатре во општеството, а потоа надвор од државата.