Агенцијата за кредитен рејтинг AM Best (во натамошниот текст агенција) повторно ги потврди кредитните рејтинзи на Заваровалница Триглав и Позаваровалница Триглав Ре за финансиска моќ „А“ (одлично) и долгорочен кредитен рејтинг на издавач „а“ (одлично) во текот на редовниот годишен преглед. Сите елементи од овогодинешните оценки се на исто ниво како и претходната година, и двете оценки ја задржаа стабилната среднорочна прогноза.
Агенцијата повторно ја оцени финансиската состојба на Триглав како многу солидна, а неговите оперативни перформанси како солидни, при што влијанието на деловниот профил и мнозинската државна сопственост врз кредитниот рејтинг на компанијата останува неутрално. При тоа, наведува дека Триглав има добро развиен систем за управување со ризик, кој што е соодветен за профилот на ризик и делокругот на деловното работење. Во потврдувањето на високиот кредитен рејтинг на Позаваровалница Триглав Ре, агенцијата го истакна нејзиното стратешко значење за Групацијата Триглав и изјави дека таа е добро интегрирана во неа.
Според AM Best, капитализацијата на Триглав достигнува највисоко ниво и е соодветно приспособена на ризиците, додека Триглав покажува и добра финансиска флексибилност со пристап до пазарите на акции и обврзници. Како позитивен фактор го споменува и тоа што во последните години Триглав постојано ја намалува изложеноста на производи со гарантиран принос во портфолиото на животното осигурување, а нивното влијание сега е ублажено со повисоките приноси од инвестициите како резултат на зголемувањето на каматните стапки.
Во текот на годините, Триглав постигна добри деловни резултати, а во своето работење има придобивки од конкурентни предности, кои вклучуваат водечка позиција во Словенија и регионот Адриа и добро диверзифицирана понуда. Во 2023 година, работењето на Групацијата Триглав беше негативно, под влијание на еднократни настани.
Во 2024 година, Агенцијата очекува Групацијата да работи успешно, во согласност со нивото од последните години. Тоа го потврдуваат и добрите полугодишни резултати.
Соопштението на агенцијата е објавено на веб-страницата www.triglav.eu, во табот за односи со инвеститорите.