Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европската конфедерација на синдикати денеска им даде поддршка на синдикатите во земјава за да издејствуваат што поголема минимална плата со која работниците ќе може достоинствено да живеат. Претставниците на Европската конфедерација на синдикати на прес-конференција оценија дека барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата се повеќе од оправдани и дека минималната плата во Македонија е најниска во регионот.

За случувањата во земјава, ќе ја информираат Европската комисија и тоа ќе влезе во извештајот за напредокот на државава.

Теа Јарц, секретарка на Европската конфедерација на синдикати, упати порака дека да се биде синдикалец е демократско право и дека ниту работодавачите, ниту Владата не смее да ги напаѓаат синдикатите.

– Ако социјалниот дијалог не се почитува, ние за тоа ја информираме Европската комисија и тоа ќе биде отсликано во извештајот, а од тој извештај зависи како ќе напредува земјата кон ЕУ и кои финансии ќе ги добие за да напредува. За да се биде синдикалец е човеково право кое мора да се почитува и ниту Владата, ниту работодавачите не може да ги напаѓаат синдикатите. Земја што не ги почитува тие права треба да биде повикана на одговорност. Се надевам дека во Северна Македонија ќе престанат нападите врз синдикатите, ќе се врати социјалниот дијалог и ќе има преговори преку кои ќе се договорите која е адекватната минимална плата. Ние следиме и известуваме што се случува во оваа земја – истакна Јарц.

Посочи дека социјалниот дијалог е начело на демократијата и дека треба да го почитуваат не само земјите членки на Европската унија, туку и оние кои претендираат да станат дел од неа.

– Ги повикуваме сите влади да ја почитуваат автономијата на социјалните партнери, да ги почитуваат синдикатите и да ги вклучуваат во сите процеси. Социјалниот дијалог мора да се почитува и не смее да има ниту еден работодавач и ниту една Влада што ги напаѓа синдикатите. Тоа е неприфатливо и противно на законите во вашите земји и на правната рамка на Европската унија. Како Европска конфедерација на синдикати ќе стоиме рамо до рамо со синдикатите и ќе ги поддржуваме – рече Јарц.

За протестите, претставниците на Европската конфедерација на синдикати, рекоа дека е легитимно право доколку не функционира социјалниот дијалог.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, одговарајќи на новинарски прашања за притисоците на кои е изложен во изминатиот период, рече дека синдикатот и во минатото бил изложен на притисоци и дека и во иднина ќе биде, но дека тука се да се борат за работничките права.

Минималната плата треба да се усогласи овој месец и според законот би се зголемила за околу 1.800 денари. ССМ бара минималната плата да изнесува 500 евра, а разликата во придонесите до 30.000 денари да ја субвенционира Владата во период од една година.