Фото: Игор Бансколиев

Две авиокомпании, „Визер“ и „Луфтханза“, доставија барања до Владата за субвенции за воведување нови авиолинии од двата патнички аеродроми во земјата – Меѓународниот аеродром – Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Барањата беа отворени на јавен настан во Министерството за транспорт и врски, од каде што велат дека субвенционирањето има цел да се развие воздушниот сообраќај во земјава, како и да има поконкурентни и подостапни цени на авиобилетите за граѓаните.
Комисијата составена од членови од неколку државни институции во следниот период ќе изврши евалуација на доставените понуди, во согласност со утврдените критериуми во јавниот повик. Финансиската поддршка има цел поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Македонија, заради квалитетен развој на цивилното воздухопловство, формирање поконкурентни и подостапни цени на билетите, што директно подразбира нови дестинации за граѓаните од нашата земја.
Јавниот повик за поднесување барања траеше од 1 до 31 март 2023 година, а беше распишан, како што велат од министерството, во согласност со политиките на фер и конкурентски услови во согласност со регулативата на Европската Унија. Субвенциите ќе се даваат во наредните три години, односно од 2023 до 2025 година, и за оваа намена во буџетот за наредната година се предвидени 1,1 милион евра.
Претходниот повик за субвенционирани летови од двата аеродрома во државава беше поништен. Комисијата за евалуација на понудите што на повикот ги доставија авиокомпаниите „Визер“, „Луфтханза“ и „Ејџиан ерлајнс“ констатирала дека не била доставена пропишаната комплетна документација. Со поништениот повик што беше отворен од 20 декември лани до 26 јануари годинава, за разлика од претходните, можеа да се изберат повеќе авиокомпании што ќе добијат субвенции за нови авиолинии. Се предвидуваше да се доделува субвенција од седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром – Скопје и од 4,5 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид. На 1 март минатата година заврши последниот од трите договори за субвенционирани летови со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер“.
Субвенционирањето на летовите требаше да го поттикне патничкиот авиопревоз од Македонија, но и да ја направи подостапна за странските туристи. Меѓутоа, од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот излегоа со мислење дека системот на субвенционирање на евтини авиолетови треба да се измени. Според согледувањата на првите луѓе во Агенцијата за промоција на туризмот, системот за субвенционирање на авиопревозот треба да биде развоен, а не како во изминатите 13 години да се крои по дестинации, туку по други елементи во туристичката индустрија.
– Многу години потрошивме трудејќи се да создадеме стратегија за која треба еднаш да измериме колку дала ефект, колку мерките што сме ги понудиле го дале ефектот и каде треба да се подобриме – изјавија од Агенцијата за развој на туризмот.
Според носителите на туристичкиот развој, неприфатливо е Охрид како туристичка дестинација да има проблем со инфраструктурата и зошто во последните десет години не се работело аеродромот во Охрид да има поголем број летови. Од тие причини, во 2023 година само еден туроператор во сезоната ќе има 135 чартери за Охрид. Од агенцијата се надеваат дека ќе имаме зголемување од сто проценти на странските туристи од одредени дестинации, но за тоа треба да се следат потребите на туристите.