Администрацијата на Бајден внесува сериозни промени во односот со земјите од Западен Балкан

Администрацијата на Бајден треба повторно да ги разгледа лекциите од минатото и да ја преиспита актуелната политика на САД кон Западен Балкан. Ако историјата нè научи нешто, тоа е дека САД не треба да ги напуштат своите принципи за привремена предност. Ако САД се обидуваат да ги придобијат срцата и умовите на луѓето на Балканот, треба да одржуваат принципиелни, конзистентни и доверливи политики што не ги наградуваат оние што се обидуваат да ги поткопаат основните западни демократски вредности, анализираат Реуф Бајровиќ и Ајла Делкиќ

Анализа на политиката на Бајден за регионов низ објективот на аналитичари од БиХ

По рускиот напад на Украина, многумина очекуваа дека поддржувачите на Русија од Западен Балкан ќе се соочат со тешки времиња. Но се чини дека се случува спротивното. Наместо да ги казнува долгогодишните сојузници на Кремљ, администрацијата на Бајден избра некако да ги смирува овие актери. Ваквата ненадејна промена во политиката на САД најдобро може да се види во земјите како Косово, Црна Гора и Босна. Тоа претставува опасен преседан бидејќи помага да се создадат услови за следниот конфликт на Балканот, тврдат во својата анализа Реуф Бајровиќ, потпретседател на Алијансата САД – Европа и соработник на Институтот за надворешна политика, и Ајла Делкиќ, претседател на Советодавниот совет за Босна и Херцеговина (ACBH) и копретседавач на Коалицијата за Југоисточна Европа.

Дијагностицирани отстапки на САД за Србија во односите со Косово и со Црна Гора

Косово и Црна Гора се непоколебливи сојузници на САД со децении, но и двете се соочуваат со притисок од Вашингтон да направат отстапки за Србија, најголемата проруска земја во Европа. Косово јавно е под притисок од американскиот Стејт департмент да го промени својот устав со цел да создаде заедница на српски општини, се вели во анализата. Косовскиот Уставен суд, истакнуваат аналитичарите, уште во 2019 година пресудил дека таквата структура не е дозволена, но американските власти категорично бараат од Албин Курти, косовскиот премиер, да воведе такви промени за да ги смири Србите.
Аналитичарите заклучуваат дека една година од почетокот на руско- украинскиот конфликт, од српскиот претседател Александар Вучиќ допрва се очекува да му се придружи на Западот во санкционирањето на Русија. Тие тврдат дека Вучиќ кон крајот на минатата година ги поттикнал тензиите во регионот со поставување српски војници на границата со соседно Косово, влошувајќи ја и онака напнатата ситуација. Во својата анализа тие истакнуваат дека во последните неколку години, Вучиќ направил многу за да ја милитаризира Србија со зголемување на трошоците за одбрана за 70 отсто и набавка на најсовремена офанзивна воена опрема од Русија и Кина.
Што се однесува до Црна Гора, таа минатата година го потпиша таканаречениот „Основен договор“ со Српската православна црква, давајќи ѝ значителна моќ во споредба со другите верски заедници. Аналитичарите тврдат дека договорот е попустлив за Србите и контроверзен, за што беше под лупа од многубројни прозападни политички партии, активисти за човекови права, како и од претседателот (во заминување) на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. Нивната главна загриженост не е само поради недостигот од транспарентност околу договорот, туку и дека тој се користи како алатка во Црна Гора за поттикнување поблиски врски со Русија и Србија, тврдат аналитичарите.
Додека ЕУ усвои резолуција во која се истакнува загриженоста дека Православната црква ја промовира Русија во земји како Црна Гора, Србија и Босна, Соединетите Американски Држави беа значително попустливи и „отсутни“ за активно вклучување на оваа тема.

Во Босна исто така констатирана политика на попустливост на САД кон Србија

Сојузниците беа изненадени минатиот октомври кога САД ги поддржаа контроверзните промени на изборниот закон на Босна, кои беа наметнати од Кристијан Шмит, високиот претставник во Босна. Во алармантен потег, Шмит го смени изборниот закон во земјата неколку минути по затворањето на општите избори. Наметнатиот закон беше пофален од Владата на Хрватска бидејќи ја фаворизира политичката партија ХДЗ. Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман на Твитер напиша дека Владата на Хрватска е задоволна од исходот и задоволна е што нивните напори и аргументи се препознаени. Ова отворено признание за мешање во внатрешните работи на Босна беше доказ дека САД и ЕУ попуштија пред барањата на Хрватска и ХДЗ на сметка на босанската демократија. Како резултат на тоа, некои од клучните позиции во новоформираната влада на земјата се пополнети од политичари што моментално се санкционирани од Соединетите Американски Држави, како што е Маринко Кавара, претседател на Претставничкиот дом.
И покрај најдобрите напори на администрацијата на Бајден да ги држи поддржувачите на Путин подалеку, последните неколку месеци докажаа дека промената во политиката не била ефикасна. На пример, на 9 јануари, Милорад Додик, претседателот на помалиот ентитет во Босна, познат како Република Српска (РС), уште еднаш го прекрши законот прославувајќи нелегален празник. Воената парада на Додик предизвика страв и насилство додека тој уште еднаш повика на отцепување на РС од Босна. Тој го одликува Владимир Путин со медал на честа, со надеж дека РС може дополнително да ја зајакне својата соработка со Русија. И додека Соединетите Американски Држави воведоа санкции кон Додик и се ангажираа во антикорупциски напори на места како Босна, такви иницијативи или притисок може да се забележат и во Хрватска.

Поддршка за Москва и во Хрватска

Потпретседателот на Алијансата САД – Европа и соработник на Институтот за надворешна политика, Реуф Бајровиќ, и претседателот на Советодавниот совет за Босна и Херцеговина (ACBH) и копретседавач на Коалицијата за Југоисточна Европа, Ајла Делкиќ, тврдат дека поддршката за Путин на Балканот не завршува со Додик и Вучиќ, туку може да се види и во Хрватска. Зоран Милановиќ, актуелниот претседател на Хрватска, неодамна беше осуден од Киев за доведување во прашање на територијалниот интегритет на Украина. Тој рече дека Украина нема место во НАТО и се противи Загреб да испрати воена помош. Понатаму, тој предизвика дополнителен бес кога јавно го негираше геноцидот во Сребреница и тврдеше дека Косово е насилно одземено од Србија.
Според аналитичарите, одлуката на администрацијата на Бајден да ги смири про Путин актерите (наводно како ефикасна алатка да направи клин меѓу Кремљ и неговите полномошници од Западен Балкан), е „опасна и кратковида политика!“
Прво, испраќа погрешна порака до светот и сигнализира дека „се чини дека САД не се залагаат за своите принципи или за своите долгогодишни сојузници“.
Второ, таквата политика на САД може да се смета за „наградување и овластување на про Путин актерите“.
САД така се „предавници не само на своите сојузници туку и на западните норми што помогнаа во напорите за демократизација во тој дел од светот во последните три децении“!, тврдат аналитичарите во својата анализа без дипломатски ракавици.
Имено, тие велат дека „наградувањето на таквите актери не е вкоренето во американската традиција на промовирање демократија во странство“. Колатералната штета на актуелната американска политика кон Западен Балкан само ќе влијае на еродирањето на децениската доверба и пријателство меѓу Соединетите Американски Држави и прозападните луѓе во регионот. Понатаму, важно е да се забележи дека малите нации од Западен Балкан се потпираат на безбедносниот чадор на Соединетите Американски Држави и НАТО со децении, меѓутоа, доколку станат неспособни да се потпрат на таа безбедност, нема да имаат друг избор, освен да се обидат да бараат да склучат нови сојузи на исток, како и да развијат сопствени одбранбени способности. Како резултат на тоа, ова може да доведе до нестабилност и дополнителни тензии во регионот.
Администрацијата на Бајден треба повторно да ги разгледа лекциите од минатото и да ја преиспита актуелната политика на САД кон Западен Балкан. Ако историјата нè научи нешто, тоа е дека САД не треба да ги напуштат своите принципи за привремена предност. Ако САД се обидуваат да ги придобијат срцата и умовите на луѓето на Балканот, треба да одржуваат принципиелни, конзистентни и доверливи политики што не ги наградуваат оние што се обидуваат да ги поткопаат основните западни демократски вредности. Администрацијата на претседателот Бајден треба да го земе советот на (сенаторот) Бајден за Западен Балкан, се вели во анализата на Реуф Бајровиќ, потпретседател на Алијансата САД – Европа и соработник на Институтот за надворешна политика, и на Ајла Делкиќ, претседател на Советодавниот совет за Босна и Херцеговина (ACBH) и копретседавач на Коалицијата за Југоисточна Европа.

Подготвил: Mарјан Велевски