Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Членови на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) денеска на протест пред законодавниот дом повторно го изразија својот револт од усвојувањето на законот, за кој пратениците на пленарна седница треба да се изјаснат во врска со измените на Законот за игрите на среќа.

Со измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и за забавните игри се предлага ограничување на просториите во кои се приредуваат електронските игри на среќа, односно да може да се приредуваат само во простории на посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии, како и да бидат оддалечени од училиштата најмалку 500 метри.

Горан Стојменов, претставник на АПИС, вели одредбата за дистанцирање на објектите на игри на среќа не е за заштита на младината, како што тврдат од Владата, туку како што рече станува збор за предизборен популизам.

– Пратениците кои решиле да ги гласаат овие измени, нека си го псотават прашањето – каква заштита може да обезбеди дистанцата кога државата веќе преку четири друштва организира онлајн игри на среќа со кои младите непосредно се изложени на постојан ризик преку достапност на интернет секаде и во секое време – рече Стојменов.

Додава дека затворањето на објектите ќе предизвика никнување на диви играчници.

Со гласањето „за“, Стојменов вели се доведуваат до прашање 10.000 вработени во секторот игри на среќа.

– Срамно е да се тврди дека пратениците се залагаат за полноправно членство во ЕУ, кога со злоупотреба на тоа знаме, со антидемократски и антиевропски манипулации се истуркуваат законски измени кои ќе го затворат најголемиот приватен работодавец во Македонија – рече Стојменов.

Ќе водиме правна битка, вели Стојменов, ќе следат тужби за како што рече, нанесени астрономски оштети, како и иницијатива пред Уставниот суд.

Претседателот на АСОМ, Васко Илиевски вели законот не решава ниту еден проблем поврзан со игрите на среќа, а последиците од ваквите измени ќе бидат трајни и како што рече илјадници луѓе ќе ги изгубат своите работни места.

Тој упати апел до претседателот Стево Пендаровски да не го потпише овој закон, доколку пратениците го изгласаат.

– Доколку овој штетен закон се изгласа, сите нашо напори ќе влезат во историјата, а сите овие луѓе што ги гледате зад мене, но и многу повеќе од нив ќе останат без работа. Затоа сега вие сте на потег, веќе изјавивте дека нема да го потпишете Законот за игри на среќа, кој што се носи со злоупотреба на европското знаменце, за кој што е јасно дека не постои европска директива. По ова прашање се изјаснија сите ЕУ претставници и не постои ниту една причина зошто се носи овој закон со европско знаменце – посочи Илиевски.