Фармацевтската компанија „Алкалоид“ одбележи 45 години на еден од своите најпрепознатливи брендови, колекцијата производи за деца „Бекутан“. Менаџерот на компанијата, Живко Мукаетов, рече дека е голема чест да се прослави голем јубилеј, а тоа е 45 години од постоењето на брендот „Бекутан“.
Процент од продажбата на течните производи на „Бекутан“, компанијата „Алкалоид“ издвојува за „СОС детско село“.
– Денеска би сакал да ви се обратам не како човек што е менаџер во компанијата, туку како татко на четири деца. Да се биде родител е веројатно една од најодговорните работи што можат да му се случат на еден човек. Тоа е грижа и посветеност за некој што живее покрај вас, расте и се развива и треба да порасне во здрава личност. Од многуте непроспиени ноќи, па преку изборот на храната, па сѐ до изборот на козметиката што едно бебе ќе ја добие. Моите родители го користеа „Бекутан“, јас и мојата сестра го користиме „Бекутан“, јас и мојата сопруга го користиме овој производ. Од 1978 година, откако постои кремчето „Бекутан“, досега се произведени повеќе од 60 милиони теглички, што е уште еден доказ за квалитетот и традицијата. Уште еден доказ дека тоа е производ на кој може апсолутно да му се верува – истакна Мукаетов за време на вчерашната свеченост.
Тој посочи дека со „Бекутан“ растеа и растат генерации кај нас, но и во регионот и тој е бренд за кој треба да бидеме благодарни и горди.

– Ние сме многу среќни што може да се пофалиме дека брендот континуирано расте – потенцира Мукаетов.
Силвија Брајовиќ од „СОС детското село“ нагласи дека „Бекутан“ е водечки бренд за нега и грижа на малите деца и оти веќе 45 години го прави тоа најдобро.
– Токму таа грижа за децата нè спои заедно со „СОС детското село“. „Бекутан“ најдобро и најквалитетно се грижи за нашите најмили. А „СОС детското село“ веќе 22 години гради семејства за да може секое дете да расте во грижа, љубов и припадност на одредено семејство. Од голема важност за нас е потрошувачите на „Бекутан“ да имаат свесност за оваа наша поврзаност којашто резултира во додадена хуманитарна вредност на брендот „Бекутан“. Со оваа кампања, по повод 45 години, и самите потрошувачи се дел од нашата заедничка мисија – Сите деца се наша грижа – истакна Брајовиќ.
Прим. д-р Марина Поп-Лазарова, педијатарка, нагласи дека брендот „Бекутан“ асоцира на традиција, на квалитет, на безбедност, на сигурност, на ефикасност, на иновативност.

– Грижата за децата е наш заеднички фокус. И тоа грижата што почнува од најраната возраст. Секогаш кога говориме за одредени ситуации кај детето, портфолиото и производите на „Бекутан“, апсолутно ефикасно и безбедно, ни користат во надминување на разните заеднички проблеми. Заедничка цел ние е здраво дете. Здраво дете е среќно дете – рече Поп-Лазарова.
Под брендот „Бекутан“ се подготвуваат над 60 основни типови производи, пакувани во повеќе од 100 типа пакувања. Производите се дерматолошки тестирани и одобрени од педијатрите.