По рестартирањето на процесот на производство на 27 април, кога беа вратени на работа околу 1.000 работници, во „Кромберг и Шуберт“ денеска почна со работа и втората смена.

Со стартувањето на втората смена во процесот на производство се вклучени уште 1.000 работници, со што бројот на работниците, кои се ангажирани по повторното рестартирање на фабриката се искачи на 2.000 работници.

– Ве известуваме дека од денес делумно почнува со работа и втората смена, која ќе биде ангажирана на проектите за „Мерцедес“, за автомобилската индустрија во Шпанија и во Германија. Со ова се вратени на работа вкупно околу 2.000 вработени, стои во соопштението од „Кромберг и Шуберт“.

Инаку, „Кромберг и Шуберт“ работи на конфекционирање на кабли за автомобилската индустрија „Мерцедес“ и „Ауди“. Во моментов вратени се на работа само две смени од проектите за „Мерцедес“, а компанијата кон крајот на мај треба да стартува и со третиот проект, за изработка на кабли за „Ауди“.

Кога ќе почне конфекцинорањето на кабли за „Ауди“ ќе бидат вратени на работа уште работници, така што се очекува до крајот на месецот „Кромберг и Шуберт“ која вработува над 6.000 работници да работи со капацитет од 70 отсто.

Во „Кромберг и Шуберт“ велат дека процесот на производство во компанијата се одвива според сите протоколи.

– Во соработка со Центарот за јавно здравје Битола и Државниот инспекторат за труд превземени се сите мерки потребни за заштита на здравјето на вработените, од моментот на пристигнување на автобуските постојки, превозот од дома до работа, пристигнување во објектот, во текот на целото работно време, користење на паузите и патот од фабриката до дома, се нагласува во соопштението на „Кромберг и Шуберт“. М.М.