Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дури и откога ќе успеат да надминат некои од меѓусебните забрани или разни царини што земјите на Балканот ги имаат воведено една на друга, повторно се јавуваат нови забрани и нови причини за блокади на слободниот проток на стоки. Стопанствениците реагираат, но нивните предупредувања и апели често не допираат до нивните влади или допираат задоцнето, откога штетите веќе се направени

Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија, иако се членки на ЦЕФТА, сепак, не ги почитуваат договорите за слободна трговија. Дури и откога ќе успеат да надминат некои од меѓусебните забрани или разни царини што ги имаат воведено земјите една на друга, повторно се јавуваат нови забрани и нови причини за блокади на слободниот проток на стоки. Стопанствениците реагираат, но нивните предупредувања и апели често не допираат до нивните влади или допираат задоцнето, откога штетите веќе се направени.
Ова е еден од заклучоците од голем број анализи со кои регионалните медиуми ја следат состојбата со транспортот и трговијата со стоки на Балканот, а која деновиве особено е актуелна поради најновата трговска војна помеѓу Македонија и Косово, чија завршница се очекуваше вчера, но е одолжена за до крајот на неделава.

Имено, на вчерашната средба меѓу македонскиот министер за економија, Крешник Бектеши и неговиот косовски колега, Ендрит Шала, во Приштина, била постигната согласност до петок Агенцијата за храна и ветеринарство од Косово да испрати извештај до македонската Агенција за храна, со анализа на соодветната програма за следење на производите, во овој случај на икра и материјал за порибување од Косово, чиј увоз во Македонија неодамна беше забранет, што беше посочено како причина властите во Приштина да го забранат увозот на медот и на компирот од Македонија.

Како што пренесе „Косова прес“, косовскиот министер Шала вчера изјавил дека само откако ќе се отстранат бариерите за риби, може да се укине реципроцитетот за медот и компирот. Бектеши, пак, го пренел ставот дека одлуката ќе биде донесена откако ќе ги добијат документите од косовската АХВ. Тој додаде дека се преземени мерки против сите држави што не ги исполнуваат стандардите за квалитетот на рибата.

Со тоа останува отворен и последен случај што ја разгорува трговската војна на секој против секого и кој предизвика голем број реакции, но и директни штети врз економиите на двете земји.

Во текот на 2018 година од Косово кон Македонија биле извезени 26 тони жива риба во вредност од 95 илјади евра. Извозната вредност изнесувала 23 илјади евра само во мај 2019 година, што е за неколкупати поголема од претходните месеци.
КМЦ побара од косовските власти да реагираат и да побараат ревизија на оваа одлука, и да побараат од Македонија да ги покаже вистинските причини за забраната. Стопанската комора на Косово, исто така, изрази загриженост во врска со одлуката донесена од Македонија за забрана за продажба на риби од Косово. Според нив, загриженоста се појавила од страна на бизнис-членката „Трофа Истог“, бидејќи тие дознале за оваа одлука без претходно известување. За секој влез на косовската жива риба во Македонија е утврден данок од околу 700 евра.
Од друга страна, и данокот на Косово од 100 проценти наметнат за српските производи, продолжува да предизвикува големи полемики и дебати меѓу двете држави, правејќи ги нивните односи уште посложени.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека неговата земја ќе преземе контрамерки, додека, пак, косовскиот претседател Хашим Тачи, за медиумите изјави дека, за жал, развојот на ситуацијата и неодамнешните случувања воопшто не ветуваат скоро надминување на кризата и воопшто не се движат во позитивна насока поради недостиг од дијалог.

За потсетување е и заканата на косовскиот министер за трговија и индустрија Шала, дека Косово може да наметне даноци и за Албанија и за Македонија, по дебатата за ефектите од 100-процентите даноци за Србија и за Босна и Херцеговина. Тој уште тогаш напомена дека косовските производители имаат поплаки за некои даноци што им се наметнати на косовските производи од страна на Албанија и на Македонија.
– На две средби со Владата на Албанија побаравме да се отстранат двата данока за Косово и да не се прави бизнис во Косово. Дури и за Македонија, имаме загриженост од косовските производители затоа што неодамна беше забранет извозот на производство на сурова риба. Министерството за трговија и индустрија е подготвено да преземе одредени мерки против одредени држави во зависност од барањата на косовските производители – рече тогаш Шала.

Досегашниот развој на ситуацијата ги потврди најавите на Шала, а што ќе следува понатаму тешко е да се прогнозира со оглед на неизвесната политичката состојба во сите споменати држави, а пред сѐ на Косово, по оставката на тамошниот премиер Рамуш Харадинај што само по себе ја проблематизира и издржаноста на одлуките на одделни косовски министри во последниот период.