Фото: Маја Јаневска-Илиева

Висината на продуктивноста во една земја е најважниот фактор за конкурентноста на една земја и за економскиот раст, тврдат економистите. Главната причина за нашата ниска продуктивност се структурата на стопанството, ниската технолошка опременост и ниската мотивација на вработените

Проблемот на продуктивноста во македонското стопанство одамна е присутен во нашата држава и движењата на оваа економска категорија директно влијаат врз динамиката на стопанскиот развој и на подобрувањето на животниот стандард на населението. Од растот на продуктивноста на трудот зависат динамиката на економскиот раст и стеснувањето на јазот во степенот на развиеноста со земјите кон кои се стремиме да се приклучиме. Македонија е меѓу земјите со најниска продуктивност во регионот и во Европа. Економистите велат дека ваквата состојба довела до многу неповолна структура на индустријата каде што преовладуваат сектори со ниска продуктивност и ниска додадена вредност. Крајниот резултат се ниските стапки на раст на БДП по жител.
Како што вели Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, висината на продуктивноста во една земја е најважниот фактор за конкурентноста на една земја и за економскиот раст.
– Главната причина за нашата ниска продуктивност се структурата на стопанството, ниската технолошка опременост и ниската мотивација на вработените. За да се подобри продуктивноста, потребно е да го зголемиме квалитетот на образованието, да инвестираме повеќе во наука и истражување, да набавиме софистицирана опрема за производство и да ја подобриме мотивираноста кај вработените – појаснува Димитров.
Тој додава дека за повеќето од овие фактори е потребен дополнителен капитал, а Македонија е сиромашна земја и вложувањата во науката и истражувањето се десетина пати пониски од оние на развиените земји.

– Затоа не можеме да негуваме илузии за некои базни научни истражувања и научни откритија, но можеме да набавиме современа автоматизирана опрема и машини со кои ќе ја зголемиме нашата продуктивност. Во овој момент најважно е да едуцираме млади кадри, кои ќе бидат способни да управуваат и да ги одржуваат автоматските машини и роботи што ќе ги набавиме од странство. На тој начин ќе ја зголемиме продуктивноста, ќе ги направиме нашите производи поконкурентни на меѓународните пазари и ќе го зголемиме нашиот извоз – смета Димитров.
Бојан Србиноски од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ истакнува дека доколку погледнеме во подолгорочна рамка, од осамостојувањето до денес, имаме континуирана негативна тенденција кај продуктивноста во услужниот сектор. Тој додава дека причините за тоа може да се бараат во ниската конкурентност, недостигот од квалификувана работна сила, недостигот од иновативност и неефикасноста.
– Генерално, постојат четири начина за стимулирање раст на продуктивноста. Прво, создавање и стимулирање домашен конкурентен пазар преку релаксирање на регулативата и либерализација на трговијата. Второ, зголемување на квалификуваноста на работната сила преку реформирање на образовниот систем, така што завршувањето на одредено ниво на образование ќе значи квалификации и знаење, а не само формализација на степенот на образование.

Трето, насочување средства кон истражување и развој за да се создаваат услови за раст на продуктивноста на долг рок. И четврто, зголемување на ефикасноста на јавната администрација за да се намали товарот врз приватниот сектор – објаснува Србиноски.
Поттикнувањето на продуктивноста и зајакнувањето на отпорноста на економијата се одговорот за побрзо надминување на последиците што ги нанесе пандемијата врз економијата, како што посочуваат од Народната банка.
– Повисока продуктивност може да се постигне преку инвестиции во човечкиот капитал, иновации и технолошки напредок, што, пак, ќе придонесе за забрзан и одржлив економски раст – додаваат од Народната банка.
Оттаму велат дека преку користењето на придобивките од дигитализацијата и усвојувањето нови производи и процеси приватниот сектор може побрзо да им одговори на потребите што ги наметнува новата состојба. Оттаму, со вложувањето во новите технологии, со паралелно инвестирање во човечкиот потенцијал – подобрување на квалификациите и градење нови вештини, ќе се постигне побрзо враќање на економиите на патеката на повисок и одржлив економски раст – дополнуваат надлежните од Народната банка.