Фото: Игор Бансколиев

Македонската економија годинава ќе забележи пад од 4,1 отсто, додека наредната 2021 година ќе се врати на патеките на раст од 3,6 и во 2022 година од 3,5 отсто, прогнозира Светската банка во најновото издание на „Економскиот извештај за Европа и за Централна Азија“.
– Пандемијата силно ја погоди економијата. Програмите за поддршка на Владата донекаде влијаеја врз работниците и фирмите, но фискалниот простор се стесни поради нивото на долг, кое е на границата 60 проценти од БДП – пишува во извештајот на СБ во делот посветен на Македонија.
Притоа се нагласува дека домашната економија се соочува со рецесија од 4,1 проценти во 2020 година, што е најголем пад од 2001 година.
– Контракцијата на побарувачката и нарушувањата кај синџирите на снабдување предизвикани од продолжената пандемија и мерките за ограничување беа полоши од предвидувањата – истакнуваат од СБ, и додаваат дека и покрај мерките за поддршка од Владата невработеноста расте, а приватните инвестиции се сериозно погодени поради намалена побарувачката и недостиг од ликвидност.

Од СБ истакнаа дека во отсуство на одговор на Владата, комбинираниот ефект на пониските приходи на трудот и на дознаките ќе ја зголемат сиромаштијата до нивоата пред 2015 година на приближно 23 проценти во 2020 година.
– Програмите за поддршка воведени од Владата, најверојатно, ќе го ублажат влијанието на сиромаштијата поради кризата. Политичката стабилност по парламентарните избори и започнувањето преговори за пристап во ЕУ треба да ги зајакнат реформите и довербата на инвеститорите, така што кога кризата ќе заврши, растот ќе се забрза – се вели во извештајот.
Во новото сценарио е предвидено постепено закрепнување, растот во 2021 година се очекува да достигне 3,6 проценти, а зголемената потрошувачка и довербата на инвеститорите ќе ги поттикнат личната потрошувачка, приватните инвестиции и извозот.
Од Светската банка нагласуваат дека на среден рок е неопходно повторно поставување на јавните финансии на одржлива патека, како и повторното ставање приоритет на трошењата за подолгорочно закрепнување и зајакнување на приходите преку кратење за исклучоците.

– Со ублажување на влијанието на краткорочната криза, критично ќе биде решавањето на нискиот и опаѓачки човечки капитал, слабата политика на конкуренција и судството, како и ниската продуктивност, или сузбивање на растот на миграцијата – пишува во извештајот на СБ за Македонија.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција посочи дека сценариото на Светската банка било дури и пооптимистично од владиното, каде што бил проектиран пад на економијата од 4,4 проценти.