Македонците во текот на 2018 година стекнуваат сѐ поголема доверба кон е-трговијата и онлајн-нарачките, што може да се забележи од порастот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, кон домашни и странски онлајн-трговци.

Минатата година тие потрошиле 133,7 милиони евра онлајн, што е за 23,8 милиони евра или за 17,8 отсто повеќе во однос на претходната година. Повеќе се купувало од странски веб-страници, но забележано е и купување производи од домашни е-продавници од надвор.

Анализата на Македонската асоцијација за е-трговија покажува дека граѓаните во текот на 2018 година стекнале поголема доверба кон е-трговијата и онлајн-нарачките и дека има пораст и на бројот и на вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн кон домашни и странски онлајн-трговци.

– Поголемиот дел, или 64 отсто од вредноста на трансакциите реализирани со платежни картички издадени во земјава се одлеале во странство, односно се реализирани кон трговци надвор, додека 36 отсто од трансакциите се реализирани кон онлајн-трговци во земјава – наведуваат од асоцијацијата.

Во текот на 2018 година странците двојно го зголемиле бројот на трансакции направени онлајн кон македонските онлајн-продавници.

– Имателите на платежни картички издадени во странство значително ги зголемиле бројот и вредноста на онлајн-трансакциите. Бројот на онлајн-трансакции реализирани во 2018 година, во корист на виртуелни места на продажба во земјава бележи пораст од 132 отсто во однос на 2017 година. Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека во текот на 2018 година се реализирани вкупно 120.291 трансакција од страна на иматели на платежни картички од странска банка во корист на домашен трговец, односно вкупно 5,4 милиони евра се влеале во Македонија на име онлајн-купување од странство, што претставува пораст за околу 78 отсто во однос на 2017 година – наведуваат од асоцијацијата.

Оттаму велат дека веројатно голем удел во овие трансакции имаат иселените лица од државата што купуваат производи или користат услуги во земјава, но во секој случај оваа ставка бележи позитивно влијание врз македонската економија.

– Ако се земе предвид вредноста на онлајн-трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн-продавници во земјава од 48,1 милиони евра, дополнета со вредноста на онлајн-трансакциите реализирани со странски платежни картички кон онлајн-трговци во земјава од 5,4 милиони евра, може да се заклучи дека правните лица чија дејност претставува е-трговијата, односно вршат продажба на производи и услуги во земјава приходувале вкупно 53,5 милиони евра – истакнуваат од асоцијацијата.

Во согласност со објавените податоци на Народната банка, во текот на 2018 година се реализирани вкупно 5.435.285 онлајн-трансакции, што во однос на 4.293.214 онлајн-трансакции во текот на 2017 година претставува пораст од 21 отсто.

Во согласност со податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб-страници за е-трговија), заклучно со 31 декември 2018 година, во Република Северна Македонија се активни 871 продажно место.