Фото: Маја Јаневска-Илиева

Секоја помош, поддршка или мерка што се презема од страна на државата, а која е насочена кон стопанството во овој кризен пандемиски период е добредојдена, велат бизнисмените, истакнувајќи дека за компаниите што имаат идеи и успеваат да остварат раст и нови вработувања грантовите ќе бидат и дополнителен поттик

Нова бескаматна кредитна линија ќе се дели преку Развојната банка, со што компаниите, кои ќе остварат профит и нови вработувања, ќе добијат и грантови што ќе можат да достигнат до 15 илјади евра. Во согласност со најавите на надлежните, компаниите ќе може да аплицираат за средства од кредитната линија наречена „Ковид 4“ по објавувањето на повикот на крајот од овој месец. Средствата се наменети за компании од областа на туризмот, угостителството, индустријата за организирање настани, приватните здравствени установи, како и за трговци поединци и за занаетчии. Бизнис-заедницата укажуваа дека секоја помош, поддршка или мерка што се презема од страна на државата, а која е насочена кон поддршка на стопанството во овој кризен пандемиски период е добредојдена, а наедно истакнуваат дека за компаниите што имаат идеи и успеваат да остварат раст и нови вработувања грантовите ќе бидат и дополнителен поттик.

Досегашниот интерес за бескаматните кредити е најдобар показател за нивната успешност

Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија (БКМ), Миле Бошков, очекува дека овие кредити ќе бидат од голема корист за компаниите.
– Мора да сме свесни дека за одредени бизниси оваа криза се покажа како навистина погубна, но не за сите. Напротив, за други бизниси, кризата се покажа и како можност, особено за компаниите што беа иновативни, за бизнисите што успеаја да се адаптираат на промените, да ги понудат своите производи на интернет и слично. За компаниите што не ја пропуштија шансата и кои успеваат да не потклекнат на кризата, ваквите кредитни линии ќе бидат од голема корист – кажа Бошков.
Тој дополнува дека сите досега преземени мерки, од ковид-кредитите, преку мерката за поддршка на платите, потоа поддршката преку Фондот за иновации, пакетите што се делат преку Министерство за економија се насочени кон поддршка на стопанството и се направени во консултации со бизнис-заедницата во насока на побрзо надминување на кризата.
– Факт е дека кризата сѐ уште трае, дека сѐ уште имаме компании што се борат, но за оние што инвестираа во нови начини на комуникации и кои напредуваат, па и за компаниите за кои не е сѐ толку црно, овие кредити ќе бидат дополнителна шанса. Со грантовите се создава можност за намалување на трошоците за понатамошни планирани инвестиции што, секако, за секоја компанија е добредојдено – вели Бошков.

Наедно претседателот на БКМ посочува дека досегашниот интерес за претходните бескаматни кредитни линии што се делеа преку Развојната банка е показател за нивната успешност и за нивната потреба.
– Немало повик за бескаматните кредити, па дури и за сите други програми и мерки што не биле максимално искористени. Сите досегашни кредитни линии се целосно искористени, што е показател за нивната успешност, или за нивната потреба. За жал, некои бизниси ќе прекинат, некогаш не може да се направи ништо ако нема интерес за одредени производи – дополнува Бошков.

Целта е да се поддржи ликвидноста и да се стимулираа инвестициската активност на компаниите

За новата кредитна линија се планираат 10 милиони евра од буџетот на државата, а износот на поединечните кредити ќе се движи од три до 30 илјади евра. Надлежните истакнуваат дека целта на оваа кредитна линија е да се поддржи ликвидноста на стопанството и да се стимулира инвестициската активност на компаниите.
– Условите се направени да ги наградуваат успешноста во работењето на фирмите, инвестициите и проширувањето на капацитетите. Предвидени се грантови за успешност ако фирмите ги зголемат вкупните приходи во 2021 за најмалку 10 проценти споредено со 2020 година. Тогаш ќе имаат право да побараат грант од 30 отсто од кредитот, или во случај доколку го зголемат бројот на вработени во 2021 година за најмалку 5 проценти, ќе можат да побараат грант од 20 отсто. Доколку се исполнат и првиот и вториот услов, кредитокорисникот може да оствари право на грант од 50 проценти. Вкупната сума на грантот може да биде од 600 до 15.000 евра. Фирмите ќе можат да поднесат барање за грант-средства до банката кога ќе отплатат 40 отсто од кредитот – објасни министерот за финансии Фатмир Бесими.

Неопходни се посебни кредитни линии за извозните компании

Претставниците на коморските здруженија посочуваат дека целта на ковид-кредитите е да им помогнат на најпогодените сектори, што, според нив, е позитивен сигнал и можност компаниите да го наминат овој тежок период. Коморите додаваат дека за компаниите е потребно програмите да бидат проширени за обезбедување поддршка (односно пристап до средства по поволни услови) за сите компании, без оглед на големината, а истакнуваат и дека е неопходно да се одобрат посебни кредитни линии и за извозните компании, што ќе им овозможи полесно да ја надминат неликвидноста и да го задржат пазарното учество на странските пазари.
Во согласност со досегашните информации, преку трите бескаматни кредитни линии што ги дава Развојната банка се дадени средства во вкупен износ од 44,1 милиони евра, при што се поддржани компании што вработуваат 36.802 лица.