Како да ја подигнеме македонската економија

За засилување на економската динамика и зголемување на растот се наметнуваат како многу логични две прашања – каде сме со реалниот БДП во однос на потенцијалниот и има ли „внатрешни резерви“ постојниот капацитет на националната економијата, кои се двигателите на неговиот раст и кои се ограничувачките фактори за неговото приближување до потенцијалниот. И второто, како да ги подигнеме границите на потенцијалниот БДП за да почнеме да се приближуваме кон нивото на индустриски развиените европски економии

РЕАЛНИОТ НАСПРОТИ ПОТЕНЦИЈАЛНИОТ БДП

Нема да биде никаква новост констатацијата дека економијата е недопустливо малку во фокусот на вниманието на политиката. Ова особено кога сме силно притиснати од забавената економска динамика и нејзините нагласени реперкусии врз решавањето на егзистенцијалните проблеми на населението. Најдобра потврда на изнесената забелешка се и нивото и динамиката на растот на бруто-домашниот производ, како најсеопфатен показател на вкупниот производен аутпут во рамките на националната економија.
Не би се задржувал тука на поимовно дефинирање на категориите номинален и реален бруто-домашен производ, за што економската наука има јасно утврдени ставови, ниту на оние нивни аспекти што изискуваат опсежни експертски елаборации, туку само на ноторниот факт дека движењето на реалниот БДП го покажува пулсот на економијата на една земја, што треба да биде и во средиштето на овој напис. И тука уште споменувањето на потенцијалниот БДП како долгорочен тренд на раст на реалниот БДП и долгорочен производен капацитет на економијата на земјата, односно како БДП, кој економијата на земјата би можела да го оствари кога би биле ангажирани сите нејзини расположливи капацитети во конкретниот временски период. И тоа потенцијалниот БДП не како статичка, туку како динамичка категорија и неговата исто така развојна динамика.

Се наметнуваат како многу логични две прашања.
– Првото, каде сме со реалниот БДП во однос на потенцијалниот и има ли „внатрешни резерви“ постојниот капацитет на националната економијата, кои се двигателите на неговиот раст и кои се ограничувачките фактори за неговото приближување до потенцијалниот. И уште повеќе од тоа можеме ли да воочиме што тој потенцијален БДП може да ни понуди, како да се приближиме до неговите горни граници и уште да ги поместиме и кои се неискористените потенцијали во преработувачката индустрија, во земјоделството, во рударството, во градежништвото, во услужниот сектор, во туризмот…
– И второто, како да ги подигнеме границите на потенцијалниот БДП за да почнеме да се приближуваме кон нивото на индустриски развиените европски економии.

Времето не може да чека

Како апсолутен приоритет се наложува јасно редефинирање на стратегиските развојни приоритети и нивна операционализација на краток и на среден рок.
Ако ѝ погледнеме на вистината во очи, ќе ни биде јасно што со постојново ниво на БДП, особено неговото сведување по жител може да се понуди во сите сфери на општественото живеење, но и да се утврди со кој период во историјата на развиените економии кон кои се насочени сите наши развојни амбиции тој кореспондира. Тоа е битно за работите да бидат појасни и уште повеќе да се согледаме колку времето нѐ притиска.
Економската наука располага со квантитативни методи за утврдување на потенцијалниот БДП и во статичка и во динамичка смисла, како показател на нашите можни очекувања во определен временски период, и тие мораат да бидат што поскоро применети.
Постојните стапки на раст, и покрај најдобрите желби, уште за долг временски период нема да можат да нѐ приближат до потенцијалниот БДП, ниту до задоволителен раст на реалниот БДП во предвидливи временски рокови. Импакт-анализата на влијанието на секоја индустриска гранка, најдиректно, како и преку поврзаните индустрии е исто така прашање од исклучително значење. Од тие причини како неодложни императиви се наложуваат радикални реформски зафати за остварување на планираните цели и за утврдување на реалните и потенцијални можности како лостови за подигање на потенцијалниот БДП и за укажување на можностите на негова одржливост, со едновремена поддршка на настојувањата за одржување макроекономска стабилност на земјата.
Во лекувањето на болестите, вистинската дијагноза е најважната работа, а за нејзиното поставување е потребна внимателна анализа на симптомите. Во нашиов случај симптомите на болеста се јасно видливи.

Најпрвин постојното ниво на вложувања не е доволно за остварување долгорочен одржлив раст, поради што земјата мора да го зголеми потенцијалниот БДП преку структурни реформи и јасна визија во поглед на својот економски напредок, како единствен начин да се подигне развојниот капацитет на економијата и да се поттикне потенцијалниот раст, со едновремена квантификација на најважните чинители на развојната динамика на БДП и очекуваниот исход од нивното спроведување.
Ако растот на БДП се декомпонира на неговите заемно поврзани основни чинители и нивните определувачки детерминанти, би можел да се квантифицира максималниот износ на економскиот резултат, имајќи ги предвид достапните фактори на производството. И ако тие промени би биле добро осмислени, тие би придонеле за подобрување кај секој од овие показатели, што во значителна мера би довело до развојна експанзија на економијата. Се мисли на капиталот како најзначајниот развоен чинител, на работната сила и уште на продуктивноста како врска во ефикасното користење на работната сила и капиталот изразена низ осовременување на производните процеси и технолошки линии, воведувањето современи технолошки решенија во производството и подобрувањето на ефикасноста на ангажираната работна сила.
И токму овие определувачки детерминанти на растот и нивната вкупна факторска продуктивност треба да бидат во центарот на вниманието.

Не можеме вечно да ја трошиме иднината

Капиталот како клучен развоен чинител може да се одржува и да се зголемува со инвестиции финансирани од стабилен и богат финансиски сектор или од страна на странски инвеститори. Затоа со нивото на тековната потрошувачка не можеме вечно да ја трошиме иднината. Структурата на јавната потрошувачка и нагласениот фискален дефицит во моментов не се во состојба во задоволителна мера да го поддржуваат растот. Оттука дејствувањето на смалувањето на неефикасната јавна потрошувачка при едновремено зголемување на јавните капитални инвестиции би имало позитивно влијание на растот на БДП.
Растот на инвестициите, како приватните така и јавните, претставува поттикнувач, но и резултат од подинамичниот економски раст. Тие се од пресудно значење за вработувањето, иновациите и зголемувањето на продуктивноста и на тој начин за забрзување на развојната динамика. На тој начин инвестициите стануваат и клучна претпоставка за подобрување на конкурентската способност, можност за воведување иновации во производните процеси и за насочување на работната сила и капиталот кон нивната најпродуктивна употреба.
Во таа смисла конкурентската супериорност преку подигање на продуктивноста отвора нови пазари и ги проширува постојните, овозможувајќи позасилено динамизирање на растот. Оттука инвестициите се најтесно поврзани со процесите на реструктурализацијата на националната економија како динамички процес и како апсолутен приоритет, кој може да ѝ даде силен импулс на развојната динамика. Ова е особено значајно ако се има предвид фактот дека сепак главните извори на растот се наоѓаат надвор од нашите граници и дека подобрувањето на економските перформанси низ процесите на реструктурализацијата и подигањето на извозниот капацитет на економијата водат кон подобрување на нашата позиција во меѓународната размена.

Ширењето на производната номенклатура кон индустрии и дејности што можат да дадат силен импулс на развојната динамика

Иако глобалните прилики имаат исклучително силно влијание врз иницијалните показатели на растот, системските услови и добрата деловна клима, вклучувајќи ги и мерките за забрзување на конкуренцијата, кои можат да претставуваат значаен стимулативен фактор за успешно работење и подинамичен стопански раст, во рамките на нашата економија, евидентно е дека е недоволен делот на БДП што се остварува со извоз на странските пазари. Притоа мал е бројот на извозните производи и особено на производите со повисока додадена вредност.
Повеќедимензионалниот пристап кон реструктурализацијата (трошковна, енергетска, еколошка, асортиманска) и нејзината мултипликативна димензија на влезната и на излезната страна и намалувањето на јазот меѓу постојната состојба и очекуваната промена на стопанската структура се единствената претпоставка за држење чекор со времето. Притоа мораме да имаме спремни одговори на прашањата кој ќе биде основниот двигател на процесите на реструктурализацијата, низ кои фази таа ќе поминува, за кој временски период и со кои мерки и инструменти таа ќе се реализира и која е реалната можност на државата на тој план. И уште напомената дека реструктурализацијата мора да се разбере како динамички процес, затоа што и односите во меѓународната размена нема да останат исти и дека и другите земји ќе вршат динамизирање на процесите и преструктурирање на своите економии, а во одредени ситуации ќе можат да користат и разни заштитни механизми.

И паралелно со овие процеси на реструктурализација ќе мора да течат и процесите на индустријализација со проширување на индустриската структура со отворање нови капацитети примерени на потребите на новото време, користењето на обновливите извори на енергија, рециркулаторната индустрија, проширувањето на асортиманот кон повисоки фази на финализација на базната индустрија, металургијата, обоените метали, градежните материјали. Дека е ова возможно само фактот дека во рамките на иста оваа економија до не толку одамна било реализирано големосериско индустриско производство на фрижидери и машини за перење, на големи индустриски трансформатори, на автобуси, на целосно автоматизирани процесни линии, на индустриска хидраулична опрема, на индустриски пумпи, на производи од наменската индустрија, на грандиозни реализирани градежни зафати и придружна опрема низ целиот свет и уште редица други високотехнолошки производи во рамките на големите регионални индустриски системи, што зборуваше за висока диверзифицираност на нејзиниот производен асортиман кон голем број технолошки најсовремени производи. Поразувачки е фактот што денес имаме само мал број извозни производи, дури и во споредба со непосредното соседство, кои се и со низок степен на технолошка сложеност и пониска додадена вредност.
Треба да се има предвид и дека денес голем дел од извозните производи се од странските директни инвестиции во слободните царински зони со незначителното учеството на локалните фирми во глобалните синџири на вредности и минорни можности за прелевање и дифузно ширење на нивните позитивните ефекти во националната економија. И не само тоа, туку и реалниот факт дека носечките индустриски капацитети во рамките на националната економија се во доминантна сопственост на големи меѓународни производни системи („Титан“, „Дуферко“, „Митал“ односно „Либерти груп“, „Кунико ресорсис груп“), кои треба да развиваат понагласени репродукциски поврзаности со домашните производни системи на нивната влезна и на нивната излезна страна.
Стимулирањето на извозната активност низ конкретни мерки и активности треба да претставува значајна поддршка за домашните фирми и да го поттикнува нивното понагласено репродукциско поврзување во национални и во регионални рамки (кои во минатото биле силно нагласени). И уште забелешката дека стратегијата за привлекување странски директни инвестиции, иако во значителна мера придонесе за отворање нови работни места, треба да биде пренасочена кон привлекување фирми во сектори со значајни потенцијални ефекти на прелевање во домашната економија.

Работната сила како фактор на растот

Работната сила претставува значаен економски потенцијал при што е неспорен фактот дека економијата би можела да остварува подинамичен раст доколку поголем број работоспособно население би било вклучено во работната сила и тоа на продуктивни работни места. Сепак, крајно е неповолен фактот што достапноста на работната сила во земјава се намалува поради стареењето на популацијата, малиот природен прираст и емиграциите (не треба да се испушти од вид дека и неформалната вработеност е исто така во значителна мера присутна). Голем број од компаниите се соочуваат со проблеми во обезбедувањето на потребната работна сила, особено на работници со соодветни квалификации, вештини, но и сѐ понагласена потреба од функционална писменост на кадрите што им се потребни на претпријатијата во фазата на растот. Тоа наложува натамошни радикални реформи во системот на образованието, на обуките во текот на работењето, како и на пазарот на трудот. И на тој план улогата на државата е од пресудно значење.

Влијанието на растот на продуктивноста на растот на БДП

Продуктивноста по дефиниција е главниот двигател на растот што во нашиов случај е од посебно значење заради фактот што кај нас индустријата ангажира значително повеќе работници за истото ниво на производство, споредено со развиените западноевропски економии. И од тие причини потребата од бенчмарк-анализа на основните фактори на продуктивноста за да се утврдат причините на нашата инфериорност на тој план, да се воочи каде се разликите, да се набележи кои системски решенија нѐ прават поскапи, побавни и помалку ефикасни и кои би можеле да ни одговараат. Затоа и потребата од јасно дефинирање на политиките за зголемување на продуктивноста насочени кон поддршка на процесите на унапредување на технолошките процеси и производни линии, користењето современи технолошки решенија и подобрувањето на вештините на ангажираните работници.
А за создавањето услови за нормално пазарно опстојување на стопанските субјекти, за елиминирањето на прекумерните и неефикасни регулаторни пречки и сложени процедури, за високите регулаторни и административни трошоци, како и за арбитрарното спроведување на прописите со кои се уредува работењето, за дисторзиите на пазарот и оневозможувањето еднакви услови за деловно опстојување, за неизвесноста во деловното опкружување и за предвидливоста и доследноста во спроведувањето на системските решенија во некоја друга прилика.

Авторот е доктор по економски науки