Со завршувањето на вонредната состојба и дополнителните рокови поради пандемијата, стапуваат во сила редовните законски одредби, а тоа, меѓу другото, значи дека истече четиримесечниот мораториум на извршувањата. Комората на извршители на РСМ веќе објави дека, според важечката регулатива, од вчера продолжува целосната примена на Законот за извршување.
Иако поради вонредната состојба претходно запре извршувањето од сметките на граѓаните и на фирмите, не беше стопирана пресметката на каматата на долгот што го имаа. Тоа значеше дека до 30 јуни, односно 24 јули, не се плаќаа задршките на плати или од сметки по основа на некое извршно решение, односно банката не ја задржуваше висината на договорената рата, но на долгот течеше камата. Всушност и долговите за извршување, како ратите за кредитите добија грејс-период, па откако тој ќе заврши, вкупната сума за враќање ќе биде зголемена.

Инаку, ќе се извршува сѐ што беше запрено со Уредбата со законска сила од 1 април – блокираните сметки кај комерцијалните банки, кај правни и физички лица, како и забраната ставена на плати и пензии кај работодавците и Фондот за ПИОМ. Продолжуваат продажбите врз недвижности, продолжуваат пописите врз подвижни предмети и сите дејства утврдени со Законот за извршување.
– Извршувањето врз плата и пензија може да се спроведува до износот од една третина на платата или пензијата, а во случаи на побарувања заради издршка, надоместок на штета заради загубена издршка поради смрт на давателот на издршката и др., може да се спроведе извршување до една половина од платата или пензијата.

Должникот чија сметка е блокирана, а на неа прима плата односно пензија, неопходно е писмено да го извести извршителот и да презентира доказ кај извршителот, за да се одблокира сметката во банка и да се продолжи извршување со остатокот од паричните средства, кои не го зафаќаат законскиот минимум од една третина односно една петтина – објаснуваат од КИРМ.
Според податоците на Народна банка, до март биле блокирани повеќе од 106.000 сметки, од кои 26.000 на компании, а 80.000 на граѓани.