Фото: Маја Јаневска-Илиева

Парламентарните партии да ги изгласаат економските закони, апелира вчера претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, на работната средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и со министерот за финансии Фатмир Бесими.
– Секое кочење на законите значи сериозен удар за стопанството и компаниите. Опозицијата и другите партии да имаат предвид дека за бизнисот е важен секој денар и секој ден, особено во ваква ситуација, како што е ковид-кризата – истакна Азески, додавајќи дека во Владата има добра волја, но со кочењето во Собранието се создаваат лоши ефекти врз економската позиција на компаниите.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека Владата нема никаква моќ во врска со тоа, зашто Собранието е независно. Тој рече дека законското решение за финансиска помош на компаниите за плати до Собранието е доставено пред 15 дена, а поучена од досегашните лоши искуства, зашто не се донесени ни некои закони поднесени уште во ноември и декември, Владата во овој закон предвидела компаниите да можат да аплицираат во текот на цел март.

– За жал, извршната власт до одреден сегмент може да направи притисок. Собранието е независно, пратеничките групи одлучуваат кога ќе се направи кворум. Се надевам дека доблеста на пратениците ќе биде поголема од нивните дневнополитички агенди. Нема друг модалитет како може да се одговори. Сепак мислам дека доблеста кај пратениците ќе биде поголема од дневнополитичките агенди – вели Битиќи.
Тој истакна дека Владата има отворен пристап кон соработката со стопанските комори и дека коморите се еден од клучните чинители, не само како претставник и застапувач на потребите на бизнис-заедницата туку и како иницијатори и партнери во креирањето на политиките. Битиќи додаде дека само со таков партнерски пристап може да се креира атмосфера на дијалог, со која се цели кон креирање подобро и предвидливо деловно опкружување.
На вчерашната средба во Комората се разговараше за тоа до каде е реализацијата на прифатените барања на бизнис-заедницата. Едно од нив е новиот царински тарифник, чија драфт-верзија, според министерот Бесими, треба да излезе до крајот на месецов, додека драфтот за даночниот календар може да се очекува идната недела.