Кина воведува дигитален јуан наместо готовина

Народната банка на Кина ги откри плановите за воведување дигитална валута, која би требало да биде подготвена за Зимските олимписки игри во 2022 година.
Одлуката следува откако пандемијата го забрза преминот од хартиени пари на дигитални, пишува „Раша тудеј“.
Ограничени проби веќе се вршат во Шенжен и уште во неколку кинески градови, а кинеската влада планира пилот-тестот да биде на олимпијада, иако сè уште нема официјален датум на воведување.
Анонимен член на државниот совет упатен во проектот изјави за агенцијата „Никеи“ дека Владата е задоволна од резултатите на годинешните тестирања, притоа додавајќи дека дигиталната валута „ќе биде воведена следната година“.

Дигиталниот јуан ќе биде поврзан со паметниот телефон на сопственикот, а трансакциите ќе се одвиваат преку апликација. Корисниците ќе можат да вршат трансфер на пари со допир на телефонот, слично на размената на физички пари од рака на рака.
Дигиталната валута ќе може да се размени во друга валута без банката како посредник.
Обемот на трансакциите ќе биде ограничен врз основа на проверка на идентитетот. Самиот телефонски број ќе овозможува само мали трансакции, додека лимитот ќе се покачува преку потврда на идентитетот или фотографија на дебитната картичка. Така, на пример, разговор со претставник на банката со лично присуство би можел целосно да го отстрани ограничувањето.
Погодност е што и потенцијалните криминални активности би можеле да бидат разоткриени преку историјата на трансакциите.

ЕБА: ЕУ да ги заштити банките

Европските земји треба да ги здружат силите за да ги заштитат своите банки од последиците на пандемијата на коронавирусот, изјави за „Ројтерс“ првиот човек на Европското надзорно тело за банкарство (ЕБА), Хосе Мануел Кампа.
Според него, за таа цел би можел да се користи европскиот фонд за закрепнување, вреден 500 милијарди евра.
– Би имало смисла да се има европски пристап во поддршката на банките. Тоа би можело да биде во облик на превентивна докапитализација по примерот на американската програма ТАРП. Фондот на ЕУ за закрепнување тука би можел да има улога – рече Кампа.

За време на финансиската криза во 2008 година, преку програмата на американската влада наречена ТАРП, во тамошните банки беа инјектирани милијарди долари, потсетува „Ројтерс“.
ЕБА напомнува дека европските банки создале заштитни слоеви на капиталот повисоки од 430 милијарди евра, што би било повеќе од доволно за покривање на долговите произлезени од потенцијално неплатените кредити бидејќи компаниите мака мачат да ја надминат корона-кризата.