Стечајна постапка за „Еуростандард банка“ ќе побара Народната банка од судот, најави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. Таа кажа дека се направени максимални напори за да не се затвори банката, но кредитните загуби биле големи.

– Вложивме исклучителен напор за да не дојде до затворање на банката. Првенствено нашите напори се забележливи во супервизорските мерки кои ги спроведовме. Преку акционерите се обидовме банката да се стабилизира и да почне нормално да функционира. Кредитните загуби наметнаа потреба од поголеми вложувања кои не се реализираа – рече Бежоска.

Сите други банки работат со добивка, рече гувернерката, според која ако се изземе „Еуростандард банка“, банкарскиот систем се подобрува за 21 процент.

– Сите податоци јасно покажуваат дека затворањето на банката е во функција на одржување и јакнење на банкарскиот систем и заштита на депонентите. Уверени сме дека банките ќе излезат во пресрет на досегашните клиенти на „Еуростандард банка“ со своите услуги и производи. Со тоа, ќе се потврди дека нашиот банкарски систем не само што е стабилен, туку и општествено одговорен – додаде Бежоска.