Гласањето за законот за банки беше одложено на денешната седница на Уставниот суд по разгледувањето на поднесената иницијатива за уставноста и законитоста на член 163 став 3 од законот, со цел претседателот на Уставен да поднесе иницијатива до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за проверка на евентуален судир на интереси на судиите со Еуростандард банка, што е од значење за понатамошниот тек на постапката.
Постапката за овој предмет ќе продолжи по добивањето на информацијата од Антикорупциската комисија. Седницата претходно беше одложена во два наврата поради состојбата со ширењето на коронавирусот.
Оштетените штедачи, физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка денеска протестираа пред Уставниот суд, во пресрет на седницата. Според оштетените штедачи, членот 163 став 3 од законот за банки претставува генератор што продуцира нееднаквост на правните и физичките лица, депоненти на банка, во однос на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на банка. Тие сметаат дека со негово укинување или поништување ќе се постигне позитивен ефект, не само во стечајната постапка за Еуростандард банка, туку тоа ќе предизвика потреба од темелна реформа на законодавството од областа на банкарското работење.