По извршената оцена на барањето за ликвидносна поддршка поднесено од Народната банка, Европската централна банка (ЕЦБ) позитивно одговори на барањето, преку одобрување на билатерална репо-линија. На централната банка ѝ е овозможено користење на ликвидносни средства во износ до 400 милиони евра во форма на репо-трансакција за периодот до средината на следната година, или додека е потребно. Со тоа, ЕЦБ покажа подготвеност за поддршка нa Нaродната банка во услови на криза предизвикана од пандемијата на ковид-19, посочуваат претставниците на НБ.
– Позитивната одлука и одобрената репо-линија претставуваат потврда за нашата подготвеност како централна банка соодветно и навремено да одговараме на предизвиците од оваа криза и успешно да ја одржуваме макрофинансиската стабилност. И денарската и девизната ликвидност на нашата економија, и пред почетокот на корона-кризата беа на високо и адекватно ниво. Дополнително, во периодот од избувнувањето на кризата, Народната банка презеде мерки преку со што се обезбеди дополнителна денарска ликвидност во банкарскиот систем, а наедно и за зајакнување на девизните резерви. Добиената поддршка од ЕЦБ дополнително ги зајакнува нашиот капацитет и подготвеност за соодветна реакција.
Во случај на остварување на негативните ризици поврзани со корона-кризата, девизната ликвидност во евра овозможена од ЕЦБ ќе ни овозможи и поголем простор за брзо и ефикасно дејствување за ублажување на можните ефекти врз банкарскиот систем – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.