Австриецот Марсел Хиршер ја продолжи доминацијата во Светскиот куп (СК) со победата во велеслаломската трка во Аделбоден, Швајцарија. За него тоа беше четврти триумф сезонава во велеслалом на петте трки или вкупно осми, 66-ти во кариерата (32-ри во велеслалом), 20 помалку од рекордните 86 на легендарниот Швеѓанец, Ингемар Стенмарк. Освен Стенмарк, повеќе победи од него во СК има само Американката Линдзи Вон, 82.
Пред неполн месец Хиршер со триумфот во слалом ја надмина славната сонародничка Анемари Мозер-Прел, која има забележано 62 победи во СК.
Втор во Аделбоден беше Норвежанецот Хенрик Кристоферсен (24), кој е во сенка на Хиршер, за што сведочи податокот дека има 18 победнички подиуми во велеслалом, меѓу кои е и сребрениот олимписки медал и само една победа!
Олимпискиот и светски шампион, седумкратниот победник во СК, Хиршер (29), води во дисциплината велеслалом со 540 поени, пред Кристоферсен со 302 и Французинот Алексис Пинторо со 276. Иста е ситуацијата и во генералниот поредок, Хиршер има 876, Кристоферсен 511, а Пинторо 444 поени.