Поради делумната блокада на американската влада, повеќето инспекции што вршат здравствени проверки на храна не се во можност да ја завршат својата работа.
Американската агенција за храна и лекови (ФДА) планира да продолжи барем со дел од своите активности. За да го стори тоа, агенцијата ќе мора да принуди дел вработени кои се на принуден одмор поради блокада на владата да се вратат и да ја завршат својата работа без паричен надоместок.
Скот Готлиб, комесар на ФДА, вели дека се обидувал да утврди кои инспекции се најважни, истовремено осигурувајќи вработените да не се премногу оштетени.
– Да, работите не се одвиваат како обично во ФДА, изјави Готлиб за Ен-Би-Си Њуз. – Ние не правиме се што можеме да направиме во нормални околности. Постојат важни работи што ние нема да можеме да ги направиме, додаде тој.
Тоа значи дека инспекторите на Управата за храна и лекови нема да бараат некое време салмонела во житарки, Ешерихија коли во салати или листерија во сладолед.
Сепак, се продолжува со инспекција на увезената храна, но ФДА практично престана да ги контролира домашните погони за производство на храна, што може да значи дека никој нема да контролира и да забележи многу опасни супстанции што би можеле да им наштетат на граѓаните.
Најголемиот дел од буџетот на ФДА е зависен од Конгресот и сè уште не е одобрен, поради што околу 7.000 од 17.000 вработени во агенцијата (41 отсто од вработените) се на принуден одмор.