По освојувањето на „Зелениот оскар“ и гран-прито „Гриерсон“, македонската режисерка Тамара Котевска е избрана за членка на престижното меѓународно жири на Филмскиот фонд за документарни филмови посветени на планетата Земја за 2026 година. Котевска, која е двојно номинирана за „Оскар“ за филмот „Медена земја“ и двојно номинирана за наградата „Еми“ за „Приказната за Силјан“, ќе биде дел од жирито што ќе одлучува за распределба на фондот во вредност од 100.000 фунти. Годинашното жири обединува некои од највлијателните имиња во светската филмска индустрија, меѓу кои директорката за документарни филмови на „Нетфликс“, Кејт Таунзенд, директорката на филмскиот институт „Санденс“, Паола Матура, и генералниот директор на БАФТА, Мет Скарф. Жирито ќе ги оценува документарните проекти од целиот свет и ќе избере пет режисери што ќе добијат грантови од по 20.000 фунти за реализација на своите филмови, менторска поддршка од врвни професионалци во индустријата и можност за светска премиера на фестивалот во Лондон во 2027 година.
Котевска истакна дека поканата претставува голема чест, но и одговорност, особено поради можноста да одлучува за иднината на пет документарни филмски проекти заедно со водечките имиња од светската кинематографија.
– Поканата за член на вакво престижно жири и дадената доверба да одлучувам за иднината на пет ветувачки документарни филма, рамо до рамо со најголемите одлучувачи во светот на филмот во моментов, носи огромна одговорност. Да се седи рамо до рамо со водечките луѓе од „Нетфликс“, „Санденс“ и БАФТА, како и со визионери како Акинола Дејвис Џуниор и Нина Гуалинга, покажува колку стана клучно раскажувањето приказни за животната средина на највисокото ниво на светската кинематографија – вели Котевска.
Финалната одлука за избраните пет проекти ќе биде донесена на 16 декември.