За зголемување на телесната тежина по четириесеттата година не е виновен само метаболизмот

Четириесеттите години за многумина носат ново изненадување пред огледалото. Стомакот станува поизразен, килограмите полесно се натрупуваат, а слабеењето што некогаш доаѓало речиси само од себе, сега изгледа како невозможна мисија. Иако првата помисла е дека метаболизмот одеднаш решил да забави, научните сознанија откриваат дека приказната е многу посложена.
Големо истражување објавено во научното списание „Саенс“ во 2021 година, кое опфатило околу 6.500 луѓе на возраст од новороденчиња до 95 години, покажало дека метаболизмот во периодот од 20 до 60 години е релативно стабилен. Значи, четириесеттата роденденска свеќичка сама по себе не е причина телото да почне да согорува значително помалку калории.
Тогаш, што навистина се случува? Еден од главните фактори е саркопенијата – постепеното губење на мускулната маса со текот на годините. Овој процес често поминува незабележано, бидејќи промените не се случуваат прекуноќ. Мускулите постепено се намалуваат, особено ако недостигаат физичка активност и вежби за сила. А токму мускулното ткиво троши енергија и кога телото мирува. Тука настанува замката: човекот продолжува да јаде како порано, но неговото тело веќе нема исти потреби. Ако троши помалку енергија, а внесувањето храна останува непроменето, вишокот полесно се складира во форма на масни наслаги. Така, без драматични промени во секојдневието, вагата почнува да покажува сè поголеми бројки.
Но мускулите не се единствените виновници. Во средните години се менува и хормоналната рамнотежа. Кај жените, намалувањето на естрогенот во периодот на менопауза може да влијае врз распределбата на масните наслаги, кои почесто се собираат околу стомакот. Кај мажите, постепеното намалување на тестостеронот може да придонесе за губење мускулна маса и зголемување на телесните масти. Дополнителен фактор е кортизолот, познат како хормон на стресот. Работните обврски, финансиските грижи, семејните одговорности и постојаната трка со времето често стануваат секојдневие токму во овој животен период. Долготрајниот стрес може да влијае врз апетитот и да поттикне таложење масни наслаги, особено во пределот на стомакот.
А потоа доаѓа и сонот. По четириесеттата година многумина спијат пократко, почесто се будат и имаат помалку квалитетен одмор. Недостигот од сон влијае врз хормоните што ги регулираат гладот и ситоста – грелинот и лептинот. Резултатот? Поголем апетит, почести желби за калорична храна и потешко контролирање на оброците.
Постои и уште една промена што ретко ја забележуваме – едноставно се движиме помалку. Повеќе време поминуваме пред компјутер, почесто користиме автомобил, лифт и достава, а пешачењето и секојдневните ситни активности полека исчезнуваат од рутината. Добрата вест е дека четириесеттите не значат почеток на неизбежно дебелеење! Редовното пешачење, вежбите за сила, урамнотежената исхрана со доволно протеини и квалитетниот сон може да помогнат во зачувувањето на мускулната маса и контролата на телесната тежина. Затоа, наместо да се казнувате со строги диети и гладување, можеби е време да го смените пристапот. На телото не му треба помалку нега затоа што сте наполниле 40 години – напротив, му треба повеќе внимание. Бидејќи вистинската тајна на добрата форма по четириесеттата не е да јадете сè помалку, туку да му помогнете на телото да остане силно, активно и здраво. Н.М.