Рецензија
Тешко е да се пишува за филмска или телевизиска адаптација на една од омилените книги. Особено кога станува збор за дело што одамна има изградено сопствен свет во нашата имагинација, со ликови, атмосфера и значења што тешко можат да се пренесат на друг медиум без притоа нешто да се изгуби. Но тоа е само еден од предизвиците. Другиот е како да се пишува за серија кога, најблаго кажано, не сум љубител на овој формат. Напротив, имам речиси инстинктивна одбивност кон сериите, особено кон оние што се развлекуваат до баналност, со бескрајни заплети и непотребни продолженија, само за да се оправда продукцијата на уште една сезона. Приказната станува заложник на форматот, а нејзиното продолжување цел само по себе.
Но во случајот со „Господарот на мувите“ (Lord of the Flies, 2026) работите стојат поинаку. Станува збор за кратка серија од четири епизоди, која сосема лесно можела да биде спакувана и во долгометражен филм. Нема непотребно проширување на приказната, додавање нови заплети или конструирање споредни наративи што би го продолжиле животот на оригиналното дело. Напротив, романот на Вилијам Голдинг е прецизно пренесен во формат што ја почитува неговата наративна компактност. А кога на тоа ќе се додадат извонредната фотографија, колоритот, локациите, костимите, шминката, монтажата и режијата, станува збор за навистина впечатливо аудиовизуелно остварување, кое кореспондира со личната претстава од книгата.
Утопиите и дистопиите, социјалната критика како книжевен и уметнички жанр, како и начините на кои се формираат, функционираат и се распаѓаат општествените системи, се меѓу темите што постојано ме окупираат. Особено ме интересираат психолошките фактори што стојат зад нивното создавање: односот меѓу поединецот и колективот, потребата за припадност, стравот, авторитетот, желбата за моќ и механизмите преку кои одреден поредок постепено станува прифатлив, дури и тогаш кога почнува да ги поткопува сопствените темели.
Затоа, ова не е само рецензија на една серија. Или, поточно, серијата е само повод за политичка критика, медитација околу природата на моќта, за создавањето на општествените системи и за психолошките механизми што го овозможуваат нивното функционирање, но и нивната деформација.
Островот на кој се наоѓаат група деца е, всушност, еден вид лабораторија за набљудување на општеството во неговата елементарна форма. Децата се лишени од присуството на возрасните, од институциите, законите и механизмите на контрола што го организираат животот во воспоставените општества. Фрлени во една претполитичка состојба, тие мораат сами да создадат систем во кој ќе можат да функционираат, да ги организираат меѓусебните односи и да ги задоволат потребите на заедницата.
Но што се случува кога луѓето се принудени да воспостават сопствен поредок од почеток? Дали заедничката потреба за преживување е доволна за создавање правичен систем? Или, уште поважно, кои се факторите што одредуваат во кој правец ќе се развива тој систем?
Во почетокот децата се обидуваат да воспостават правила и форми на соработка. Постои свест за заедничката положба и потребата од организација. Но оваа почетна конструктивна фаза не трае долго. Многу брзо станува јасно дека отсуството на надворешен авторитет не значи и отсуство на потребата од авторитет. Напротив, во вакви услови се отвора простор за појава на нови хиерархии, борба за лидерство и натпревар за контрола врз групата.
Децата можеби се наивни во однос на светот на возрасните, но не се имуни на неговите механизми на моќ. Тие не почнуваат од апсолутна нула. Во себе веќе носат научени модели на однесување, претстави за авторитетот и хиерархијата, потреба за статус и склоност кон групно идентификување. Островот не ги ослободува од овие механизми, туку создава услови во кои тие можат да се манифестираат без вообичаените ограничувања.
Тука почнува вистинската трансформација на системот. Од заедница што се обидува да организира заеднички живот, постепено се претвора во простор на поделби, групирања, истакнување, заплашување и насилство. А централна фигура во тој процес е Џек.
Она што е интересно за анализа кај овој лик не е само неговата агресивност туку и начинот на кој таа се претвора во политичка моќ. Џек е, во основа, кукавица што се претставува како силен лидер. Неговата позиција не произлегува од способноста да ја организира заедницата врз основа на доверба, разум или заедничка цел, туку од потребата да ја наметне сопствената волја. Тој е подбуцнувач, кој ја користи несигурноста на другите за да се издигне над нив, лидер чија сила зависи од постојаното производство на сплетки и страв.
Ловот, кој првично има практична функција – обезбедување храна, постепено добива сосема поинакво значење. Тој станува извор на статус, средство за демонстрација на надмоќ и, на крајот, простор во кој насилството почнува да се практикува заради самото насилство. Потребата за месо се трансформира во опсесија со доминацијата. Ловецот станува водач затоа што успева да ја убеди заедницата дека токму неговата моќ е услов за нејзиниот опстанок.
Во оваа смисла, „Господарот на мувите“ може да се толкува и низ призмата на „Анатомија на моќта“ на Џон Кенет Галбрајт. Неговата анализа на механизмите на моќта ни овозможува да разбереме дека доминацијата не се одржува само преку директна принуда. Таа може да функционира и преку награди, привилегии, ветувања за сигурност и обликување на уверувањата. Власта станува ефикасна кога оние над кои се практикува почнуваат да ја прифаќаат како природна, оправдана или неизбежна.

Токму тоа се случува на островот. Џек не се потпира исклучиво на физичката сила. Тој ги користи потребата за припадност, стравот од непознатото, желбата за заштита. Создавањето непријател, поттикнувањето колективна возбуда и ветувањето сигурност стануваат дел од механизмот преку кој ја зацврстува сопствената позиција. Стравот повеќе не е само емоција што ја чувствуваат децата туку станува и средство преку кое се организира нивното однесување.
Од друга страна, „Надвор од слободата и достоинството“ (Beyond Freedom and Dignity) на Б.Ф. Скинер нуди дополнителна перспектива за толкување на психолошките механизми во приказната. Ако однесувањето се обликува и под влијание на средината, тогаш важно е да се прашаме што се случува кога агресивноста носи статус, послушноста обезбедува заштита, а насилството станува средство за припадност. Тоа не ја укинува личната одговорност, туку ја отвора дилемата за односот меѓу индивидуалниот избор и општествените услови. Системот не се одржува само преку правила и институции туку и преку однесувањата што ги наградува, толерира или казнува.
Особено впечатлив симбол во оваа трансформација е маската. Кога Џек го бојадисува лицето, тој се затскрива зад нов идентитет, создавајќи дистанца меѓу себе и сопствените постапки, меѓу идентитетот и одговорноста. Таа го ослободува од срамот и моралните ограничувања, овозможувајќи им на потиснатите импулси да се манифестираат во средина што сè повеќе ги толерира, па дури и ги наградува. Она што претходно било неприфатливо постепено станува нормално, а насилството се претставува како сила и предуслов за опстанок. Токму во таа постепена промена на нормите лежи и процесот на создавање на авторитарниот поредок: од заедница организирана околу заедничките потреби кон систем во кој сè се подредува на волјата и моќта на водачот.
Во тоа е и политичката димензија на „Господарот на мувите“. Островот станува своевидна лабораторија на општественото организирање, простор во кој се отвораат прашањата за потеклото на авторитетот, легитимитетот на моќта и механизмите преку кои една заедница ги прифаќа правилата според кои живее.
Покрај овие тематски и психолошки аспекти, серијата ме привлече и со својата естетика. Станува збор за исклучително внимателно и прецизно изработено дело, во кое фотографијата, колоритот, локациите, кастингот, костимите, шминката, монтажата и режијата функционираат како неразделни елементи на една целина. Визуелниот јазик не е само придружба на приказната туку и активно учествува во градењето на нејзината атмосфера и постепената трансформација на ликовите.
Особено е впечатлив контрастот меѓу убавината на островот и бруталноста на случувањата. Природата, која на почетокот изгледа како простор на слобода и ослободување од стегите на цивилизацијата, постепено станува сцена на нови хиерархии, доминација и насилство. Островот сам по себе не е ниту утопија ниту дистопија. Неговата природа ја определуваат односите што луѓето ги воспоставуваат во него.
Островот на Голдинг затоа останува многу повеќе од книжевна дистопија. Тој е огледало на општествените механизми што постојано се репродуцираат и во светот надвор од него. Зашто анатомијата на авторитаризмот не започнува со појавата на тиранинот, туку многу порано: во стравовите што ги споделуваме, во однесувањата што ги наградуваме, во компромисите што ги прифаќаме и во постепеното прифаќање на туѓата моќ како цена за сопствената сигурност.
Тони Димитров
































