ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
- Во моментов на места на табелата за директен пласман во осминафиналето има по три тима од Шпанија и од Англија и по еден од Франција и од Италија
По петтото коло во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), само четири земји се застапени со клубови меѓу првите осум на табелата, а вкупно на позициите за пласман понатаму, до 24. позиција на табелата, се тимови од 10 земји. Во моментов на места на табелата за директен пласман во осминафиналето има по три тима од Шпанија и од Англија и по еден од Франција и од Италија.
Од деветтата до 24. позиција, места што носат играње во плејофот за пласман во осминафиналето, има четири клуба од Германија, по два од Англија, Турција, Шпанија и од Португалија и по еден од Италија, Белгија, Австрија и од Норвешка. Во игра за пласман понатаму се тимови од уште шест земји, Украина, Холандија, Грција, Азербејџан, Чешка и Словачка.
Во минатата сезона на Лигата на шампионите, по осум кола во осминафиналето, директно се пласираа тимови од четири земји, вкупно во нокаут-рундите имаше екипи од 11 земји. Во првата сезона од новиот систем на Лигата на шампионите со 36 тима во една лига, 2024/2025, директен влез меѓу 16-те најдобри екипи освоија клубови од пет земји, а вкупно пласман понатаму остварија тимови од девет земји.
На табелата по пет кола сезонава, Реал Мадрид е водечки со 15 бода и прв го обезбеди пласманот понатаму, а потоа на табелата се Пари сен Жермен со 13 бода, Комо, Барселона, Ливерпул и Бетис со по 12, Арсенал со 11, Манчестер сити, Спортинг и Борусија Дортмунд со по 10, Астон вила, Интер, Клуб Бриж и Галатасарај со по девет, Баерн и Фенербахче со по осум, Штутгарт, Атлетико Мадрид, Манчестер јунајтед и Бодо/Глимт со по седум, ЛАСК, Порто, Лајпциг и Вилјареал со по шест, Рома пет, Шахтер, Викинг, Наполи, Лил и ПСВ Ајндховен со по четири, АЕК, Феенорд, Сабах и Ленс со по три, Славија со еден, а Слован е без бодови.
Португалија го намали водството на Англија, а двете земји останаа на првите две места на табелата на Европската фудбалска унија (УЕФА) во трката за двете дополнителни места во Лигата на шампионите за идната сезона. По петтото коло сезонава во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, неделава Англија е на првото место и сега има 9,722 поени, а потоа се Португалија со 9,5, Шпанија со 9,125…
За оваа табела на Европската фудбалска унија се сметаат сите резултати и пласмани на табелите и напредокот во нокаут-рундите на сите клубови во сите три европски купа, Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига.
Пред три сезони, Европската фудбалска унија ги воведе дополнителните места преку ова рангирање. Во првата сезона победија Германија и Италија, а тие места за сезоната 2024/2025 во Лигата на шампионите, како петтопласирани во соодветните домашни првенства, ги освоија Борусија Дортмунд, односно Болоња. Во следните две сезони, најдобри во оваа фудбалска трка беа Англија и Шпанија, со тоа во Лигата на шампионите во сезоната 2025/2026 настапија Њукасл односно Вилјареал, а сезонава тоа се Ливерпул односно Бетис, кои по пет одиграни кола со по 12 бода се на петтото, односно на шестото место на табелата. Н.М.
































