Во декември нов јавен повик на програмата ИПАРД III
- Со новиот јавен повик што се очекува во декември, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој отвора ново поглавје во спроведувањето на европската програма. Подготвени се три значајни мерки за инвестиции во земјоделските стопанства, преработувачките капацитети и во руралното претприемаштво, а зајакнатите контролни механизми и дигиталното следење треба да донесат поголема сигурност, транспарентност и ефикасност
Македонското земјоделство добива нова можност за развој, модернизација и за посилно поврзување со европскиот пазар. По периодот на предизвици во спроведувањето на ИПАРД-програмата, најавата за новиот јавен повик од ИПАРД III, кој треба да биде објавен во декември, носи порака дека европската финансиска поддршка повторно се става во функција на оние на кои им е најпотребна – земјоделците, преработувачите, малите и средните претпријатија и претприемачите во руралните средини. Овој пат, новиот почеток не е само прашање на отворање уште еден повик за финансиска поддршка. Тој е и можност за обновување на довербата во институционалниот систем, за воспоставување поефикасни процедури и за создавање услови европските средства да се претворат во конкретни инвестиции, нови производни капацитети, современа механизација, нови работни места и поголема конкурентност на домашното производство.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како една од клучните институции во спроведувањето на европската политика за рурален развој, во овој процес има особено значајна улога. Нејзината задача не е само административно да ги спроведува јавните повици и да ги обработува барањата туку да обезбеди систем во кој секое одобрено вложување ќе има јасна процедура, институционална контрола и можност за навремена реализација.
Нов повик, нова можност за земјоделците и претприемачите
Според најава од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во декември 2026 година ќе биде објавен јавниот повик 01/2026 од програмата ИПАРД III за периодот 2021–2027 година. Повикот ќе ги опфати трите значајни мерки – мерка 1, мерка 3 и мерка 7, со што финансиската поддршка ќе биде насочена кон широк круг потенцијални корисници и различни типови инвестиции. Тоа е особено важно затоа што развојот на земјоделството не зависи само од примарното производство. За еден земјоделски производ да стане конкурентен, потребни се современи производствени технологии, квалитетна механизација, соодветни услови за складирање, преработка, пакување, брендирање и за пласман. Потребни се и дополнителни економски активности што ќе овозможат руралните средини да создаваат нови извори на приходи. Токму затоа, комбинацијата на трите мерки има пошироко развојно значење. Таа овозможува поддршка и за оние што произведуваат и за оние што ги преработуваат земјоделските производи, но и за оние што сакаат да развијат нов бизнис во рурална средина. Со други зборови, ИПАРД не треба да се гледа само како програма за набавка на трактори и земјоделска опрема туку како инструмент за создавање целосен економски синџир – од земјоделските површини или фармите, преку преработката, до готовиот производ и неговиот пласман на пазарот.
Обновување на довербата
Зад најавата за новиот јавен повик стои и еден исклучително важен процес – зајакнувањето на системот за управување, спроведување и за контрола на ИПАРД-програмата. Претходниот период покажа дека европската финансиска поддршка не е само прашање на обезбедени средства туку и на силни институции, јасно дефинирани надлежности и доследно почитување на европските правила и процедури. Токму затоа, надлежните институции пристапиле кон спроведување акциски план за зајакнување на системите за управување и контрола на ИПАРД-структурата, по препораките на Европската комисија. Меѓу предвидените подобрувања е и дигиталното следење на проектите – од моментот на нивното одобрување, преку реализацијата на инвестицијата, до исплатата на финансиската поддршка. Системот треба да овозможи и следење на контролите на терен, како и рано предупредување кога ќе се идентификува ризик од доцнење на исплатите. Ова е важен чекор на новото раководство во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој кон поголема транспарентност и ефикасност. За корисниците, дигиталното следење треба да значи подобра прегледност на постапките и можност за понавремено идентификување на евентуалните проблеми. За институциите, тоа значи подобра контрола врз секоја фаза од реализацијата на проектите и појасна одговорност за донесените одлуки. Во врска со преземените активности за обновена доверба во ИПАРД, во рамките на акцискиот план се зајакна Телото за управување со програмата, се разграничија надлежностите и се идентификува ризиците што би можеле да предизвикаат слабости во спроведувањето. Тоа е суштината на новиот институционален пристап. Имено, европските стандарди да не бидат само формално исполнување на условите туку реален начин на функционирање на системот.
Агенцијата – мост меѓу европските средства и домашните инвестиции
Во целиот овој процес, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој со обновената кадровска структура си го зазема централно место. Ваквата улога е особено важна затоа што токму преку неа се реализира значаен дел од практичниот пристап до средствата наменети за земјоделството и руралниот развој. За еден земјоделец, европската програма станува реална можност дури кога ќе може да се информира за условите, да подготви квалитетно барање, да ги помине предвидените процедури и, по одобрувањето и реализацијата на инвестицијата, да ја оствари финансиската поддршка во согласност со договорот. Затоа, агенцијата сега има уште потешка задача со двојна димензија. Од една страна, таа мора да обезбеди законито, одговорно и контролирано управување со европските и националните средства. Од друга страна, треба да биде достапна и разбирлива институција за земјоделците и за компаниите што сакаат да инвестираат. Особено е значајна соработката со Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, преку чии регионални центри заинтересираните корисници можат да добијат бесплатни совети за подготовка на барањата. Токму ваквата поддршка е важна за помалите земјоделски стопанства, кои често имаат добра инвестициска идеја, но им е потребна стручна помош за административниот и техничкиот дел од аплицирањето. Европските фондови треба да бидат достапни за оние што имаат реална инвестициска визија и капацитет да ја реализираат, а не само за оние што веќе располагаат со големи административни ресурси. Затоа, информирањето, советувањето и навременото објавување на сите потребни документи се еднакво важни, како и самата финансиска поддршка. Македонското за земјоделство има потенцијал, знаење, традиција и производи што можат да бидат конкурентни и надвор од домашните граници. Она што му е потребно се континуирана инвестиција, модернизација, стабилни институционални механизми и предвидлив пристап до финансиска поддршка. ИПАРД III може да биде еден од најважните инструменти за остварување на таа цел. Затоа, декемврискиот повик треба да се гледа не само како нова административна можност за аплицирање туку како почеток на нова развојна перспектива – во која европските средства ќе значат повеќе современи фарми, посилна преработувачка индустрија, нови рурални бизниси и повеќе економски можности за луѓето што живеат и работат во македонските села. Бидејќи иднината на македонското земјоделство не се гради само со она што го произведуваме денес туку и со инвестициите, знаењето и со довербата што ги создаваме за утре. Е.Р.
Мерка 1: Најдиректна можност за модернизација на производството
За земјоделските производители, мерката 1 претставува една од најдиректните можности за модернизација на производството. Поддршката е наменета за инвестиции во основни средства на земјоделските стопанства, вклучително и набавка на земјоделска механизација и опрема, како и други инвестиции што придонесуваат за подобрување на производните услови и зголемување на продуктивноста. Во услови кога домашните производители се соочуваат со растечки производни трошоци, потреба од поголема ефикасност и конкуренција од странските пазари, модернизацијата станува неопходност, а не луксуз. Современ трактор, комбајн, систем за наводнување, опрема за берба или специјализирана механизација може да значат значително намалување на времето потребно за извршување на работните операции и подобро искористување на ресурсите и поквалитетен производ. Особено е значајно тоа што можностите за инвестирање не се ограничени само на големите земјоделски компании. Развојот на малите и средните земјоделски стопанства е еднакво важен за одржливоста на домашното производство, а пристапот до европските фондови може да им помогне да направат технолошки исчекор што инаку би бил тешко остварлив само со сопствени средства. На тој начин, ИПАРД создава можност земјоделството постепено да се трансформира од производство засновано на традиционални методи кон модерно, организирано и пазарно ориентирано стопанисување. Е.Р.
Мерка 3: Преработката – поголема додадена вредност за домашните земјоделски производи
Една од најголемите развојни можности за македонското земјоделство се крие во преработката. Со години, значителен дел од домашното земјоделско производство се пласира како суровина, со ограничена можност производителите да ја задржат додадената вредност што се создава во понатамошните фази на производниот процес. Мерката 3, која поддржува инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, е насочена токму кон надминување на овој предизвик. За преработувачките компании, тоа значи можност за вложување во нова опрема, модернизација на производствените линии, подобрување на технолошките процеси, зголемување на капацитетите и за унапредување на квалитетот на финалните производи. За домашните производители, пак, развојот на преработувачките капацитети значи потенцијално постабилен пласман и поголема можност нивното производство да се поврзе со организирани откупни и преработувачки системи. Оваа мерка има и пошироко економско значење. Развиената преработувачка индустрија создава побарувачка за домашни земјоделски производи, отвора работни места, поттикнува инвестиции во логистика и пакување и придонесува за создавање препознатливи македонски производи со поголема пазарна вредност. Во таа смисла, секоја инвестиција во преработката е инвестиција и во земјоделскиот производител, во локалната економија и во извозниот потенцијал на државата. Е.Р.
Мерка 7: Нова економска енергија во руралните средини
Особено внимание заслужува и мерката 7, наменета за диверзификација на фармите и развој на бизнисите во руралните средини. Руралниот развој не може да се сведе единствено на зголемување на земјоделското производство. За едно село да има иднина, потребно е да има економска активност, можности за вработување, дополнителни извори на приходи и услови младите луѓе да можат да ја градат својата иднина таму каде што живеат. Мерката 7 отвора простор за развој на дополнителни дејности на фармите и за претприемачки иницијативи што ја прошируваат економската понуда на руралните средини. Тоа може да значи развој на руралниот туризам, сместувачки капацитети, угостителски услуги, активности поврзани со традиционалните занаети и други дозволени дејности што можат да создадат нова економска вредност. Ваквиот пристап особено е значаен за регионите што располагаат со природни убавини, културно наследство, традиционална гастрономија и автентични производи, но сè уште немаат доволно развиена економска инфраструктура. Кога земјоделското семејство ќе добие можност покрај основното производство да развие и дополнителна дејност, се создаваат услови за поразновидни приходи и поголема економска стабилност. Важно е да се напомене дека од мерката 7 во овој повик се изземени производството и продажбата на енергија од обновливи извори. Е.Р.
































