МВР апелира на поголема внимателност и заштита на децата во дигиталниот свет
- Групата „764“ ги врбува малолетниците преку социјалните мрежи, онлајн игрите и апликациите за комуникација, а потоа со закани, уцени и манипулации ги принудува на опасни дејства. Родителите не можат постојано да бидат над нивните раменици, но мора да знаат што се случува зад екраните
Децата денес не мора да излезат оддома за да се најдат во опасност. Понекогаш е доволно да го вклучат телефонот, да влезат во некоја онлајн игра или да прифатат покана за разговор од профил што на прв поглед изгледа сосема безопасно. Зад него, меѓутоа, може да се крие лице со сосема поинакви намери, кое постепено ќе ја стекнува нивната доверба, ќе манипулира со нив, а потоа ќе ги уценува и принудува на работи што можат да остават сериозни последици врз нивниот живот.
Токму на ваква опасност предупредува Министерството за внатрешни работи, упатувајќи апел до родителите, старателите, наставниците и пошироката јавност да бидат особено внимателни во однос на појавата позната како „764“. Станува збор за насилна онлајн заедница чии членови целат на деца, малолетници и други ранливи лица, за да манипулираат со нив, да ги заплашуваат и принудуваат на опасни, насилни, па и животозагрозувачки дејства.
За сериозноста на оваа појава предупредуваат и меѓународните безбедносни институции, меѓу кои и Федералното истражно биро на САД, кое групата „764“ ја поврзува со пошироки нихилистички насилни екстремистички заедници и сродни групи.
Зад пријателските пораки се крие уцена
Групата „764“ и сродните заедници дејствуваат преку различни социјални мрежи, апликации за комуникација и платформи за онлајн игри. Меѓу нив се Дискорд, Телеграм, Роблокс, Инстаграм, Тикток, Снепчет, Редит, Икс, Мајнкрафт и Фортнајт. Тоа се платформи што голем број деца и млади ги користат секојдневно, најчесто за дружење, забава и комуникација.
Токму во тоа лежи и една од најголемите опасности. Контактот не мора да започне со закана или со нешто што веднаш ќе предизвика сомнеж. Напротив, најчесто станува збор за постепено воспоставување доверба, претставување како врсник, нудење пријателство или емотивна блискост, по што следуваат манипулациите.
– Најчесто, контактот со децата и младите го воспоставуваат претставувајќи се како нивни врсници или како лица заинтересирани за пријателски или емотивен однос. Откако ќе ја стекнат нивната доверба, започнуваат со манипулации, закани и уцени, со цел да ги принудат да споделуваат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат дејства што можат да имаат животозагрозувачки последици. Материјалите што ги добиваат потоа ги користат како средство за дополнително заплашување, уценување и контрола врз жртвите – велат од МВР.
Откако еднаш ќе добијат компромитирачки материјал или друга можност за уцена, манипулаторите ја зацврстуваат контролата врз детето. Стравот дека фотографиите или снимките ќе бидат објавени, дека родителите ќе дознаат или дека ќе следуваат други последици може да го натера малолетникот да ги исполнува барањата, дури и кога станува збор за дејства што претходно не би можел ни да ги замисли.
Препознавање на моментот кога детето почнува да се повлекува во себе…
Особено е тешко да се препознае опасноста кога детето не сака да зборува за тоа што му се случува. Родителите можеби ќе забележат дека станало повлечено, нервозно, дека го крие телефонот или дека реагира со страв кога ќе добие известување, но не мора веднаш да ја поврзат промената со онлајн злоупотреба.
МВР посочува неколку знаци на кои треба да се обрне внимание, како што се ненадејни промени во однесувањето, повлекување во себе, страв, вознемиреност или раздразливост, зголемена таинственост при користењето на мобилниот телефон или компјутерот, интензивна комуникација со непознати лица, примање заканувачки пораки и барања за испраќање фотографии и видеоснимки. Внимание треба да предизвикаат и необјаснети повреди, исеченици, гребаници, како и изразување безнадежност или разговори за смрт и самоубиство.
– Овие промени не мора да значат дека детето е жртва на ваква група, но доколку се забележат, важно е да не се игнорираат. Потребни се внимателен пристап, отворен разговор со детето и, доколку постои сомнеж за злоупотреба, навремена реакција – посочуваат од Министерството.
Оттаму велат дека родителите треба редовно да разговараат со децата за нивните активности на интернет, да покажуваат интерес за тоа со кого комуницираат и какви содржини следат, како и да ги едуцираат за ризиците од споделување лични податоци, лозинки, интимни фотографии и видеоснимки со непознати лица.
– Особено е важно децата да знаат дека доколку некој ги уценува, заплашува или манипулира со нив, треба веднаш да побараат помош од родителите, старателите, наставниците или надлежните институции. Тие не треба да се чувствуваат виновно или да се плашат да пријават, без оглед на околностите – нагласува МВР.
Забраната не е доволна заштита
Но како навистина да ги заштитиме децата во свет во кој интернетот одамна не е само средство за забава туку и простор во кој се одвива голем дел од нивниот социјален живот? Може ли родителите да имаат целосна контрола врз комуникацијата, содржините и контактите на своите деца, особено кога тие користат повеќе платформи и апликации истовремено?
Одговорот веројатно не е во целосната забрана. Одземањето на телефонот или ограничувањето на интернетот може привремено да го намали изложувањето на опасност, но не го оспособува детето да ја препознае и избегне кога повторно ќе се најде во таква ситуација. Уште полошо, ако родителската реакција е казна и прекор, детето следниот пат можеби ќе реши да молчи и да го крие проблемот.
Затоа, првата и најважна заштита е отворениот разговор. Родителите треба да знаат кои платформи ги користат нивните деца, со кого комуницираат, какви игри играат и дали некој од нив бара нешто што им создава непријатност. Не станува збор за постојано надгледување на секој разговор, туку за создавање доверба во која детето нема да се плаши да побара помош.
Потребно е да ги научат дека пријателството на интернет не значи автоматски и доверба, дека не треба да споделуваат лични податоци, лозинки, адреси, локација и интимни фотографии, како и дека никој нема право да ги принудува на нешто со закани или уцени. Родителите, пак, треба да ги познаваат поставките за приватност, можностите за ограничување на контактите од непознати лица и родителските контроли што ги нудат платформите.
Но ниту една апликација за родителски надзор не може да ги замени блискоста и довербата меѓу родителот и детето. Техничките ограничувања се корисни, но најважно е малолетникот да знае дека може да признае грешка, да побара помош или да раскаже за непријатна комуникација без страв дека веднаш ќе биде обвинет или казнет.
Кога веќе се случува злоупотреба
Особено е важно како ќе реагираат возрасните доколку дознаат дека детето веќе е вовлечено во ваква комуникација. Првата реакција не смее да биде обвинување зошто разговарало со непознат човек, зошто испратило фотографија или зошто не кажало порано. Вината е на оној што манипулира, уценува и злоупотребува.
Не треба да се исполнуваат барањата на уценувачите, ниту да се плаќаат пари со надеж дека така проблемот ќе исчезне. Потребно е да се зачуваат пораките, корисничките имиња, линковите и другите релевантни податоци, да се пријави профилот на самата платформа и случајот да се пријави кај надлежните институции. Особено е важно интимните материјали во кои се прикажани малолетници да не се преземаат и препраќаат.
Од МВР посочуваат дека секој сомнеж или сознание за активности поврзани со групата „764“ или други слични насилни онлајн заедници може да се пријави до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на електронската адреса [email protected].
Особено е важно децата да знаат дека доколку некој ги уценува, заплашува или манипулира со нив, треба веднаш да побараат помош од родителите, старателите, наставниците или надлежните институции. Тие не треба да се чувствуваат виновно или да се плашат да пријават, без оглед на околностите – нагласува МВР.
Одговорноста не завршува кај родителите
Сепак, не може целата одговорност за безбедноста на децата да се префрли врз родителите. Потребно е и училиштата да имаат јасни протоколи за препознавање и пријавување онлајн злоупотреба, наставниците и стручните служби да бидат обучени да реагираат, а институциите да обезбедат ефикасна поддршка за жртвите. Не помала е и одговорноста на самите дигитални платформи, кои мора да реагираат побрзо на пријавите за уцени, закани и злоупотреба на малолетници.
Децата не можеме да ги исклучиме од дигиталниот свет, ниту тоа би било разумно. Но можеме да ги научиме како да се движат низ него, како да препознаат кога некој се обидува да ги искористи и каде да побараат помош. Зашто, колку и да се трудиме да ги заштитиме на улица, во училиштето или во нивното друштво, опасноста денес може да стигне до нив и без да ја отворат влезната врата.
Можеме да им купиме најдобри телефони, да им обезбедиме брз интернет и пристап до сите можни платформи, но ако не ги научиме како да се заштитат во тој свет, тогаш сме им ги отвориле вратите на сите, без да провериме кој влегува. А најстрашното е тоа што оној што им се заканува можеби веќе не им изгледа како непознат. Можеби го доживуваат како пријател. С.Т.
































