Германија, Италија, Полска и Шведска официјално најавија приклучување кон француската иницијатива за формирање Меѓународен центар за примена на вештачката интелигенција во одбраната (ИКАИД). Ова денеска го соопшти француското Министерство за одбрана, по првата конференција за основање на центарот, одржана на 19 и 20 ноември во Рен.
Со иницијативата, Франција и партнерските земји имаат цел да ја забрзаат подготвеноста за примена на вештачката интелигенција како поддршка на воените операции.
Од француското Министерство посочуваат дека иницијативата останува отворена и за други земји со слични ставови.
Размена на искуства и технолошки развој
Планирано е центарот да создаде меѓународна заедница на земји со заеднички интереси, преку која ќе се разменуваат добри практики, ќе се следи технолошкиот напредок и ќе се споделуваат искуства од оперативната примена на вештачката интелигенција.
Целта е решенијата засновани на оваа технологија да бидат што подобро приспособени на практичните потреби на одбранбените структури.
– Следниот чекор ќе биде соработка со земјите учеснички на изготвувањето на основачките документи на центарот, со цел тој да достигне целосна оперативна подготвеност во текот на 2027 година – соопшти француското Министерство за одбрана.

































